„Сите американски војници и припадници на силите на НАТО ја напуштија воздухопловната база Баграм“, кажа високиот американски безбедносен функционер, под услов да остане анонимен.
Американската војска ги координираше воздушните напади и логистичката поддршка на војната од воздухопловната база Баграм, околу 60 километри северно од Кабул, а повлекувањето на силите го симболизира крајот на американската војна во Авганистан.
Базата ѝ се предава на авганистанската влада, додека нејзините оружени сили се соочуваат со сè поголем притисок од талибанците.
Авганистански функционер кажа дека базата ќе ѝ биде официјално предадена на владата на свеченост во сабота.
Други американски безбедносни извори соопштија неделава дека поголемиот дел од американскиот воен персонал најверојатно ќе замине до 4 јули, а преостанатите војници ќе ја штитат амбасадата.
Минатиот месец американскиот претседател Џо Бајден му кажа на авганистанскиот претседател Ашраф Гани дека „Авганистанците ќе мора да одлучат за својата иднина, што сакаат“.
Гани кажа дека неговата работа сега е да „се справи со последиците на американското повлекување“.
Договорот со талибанците за повлекувањето на САД беше постигнат за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп.
Во замена за повлекувањето на САД талибанците ветија дека ќе спречат каков било меѓународен тероризам од територијата на Авганистан, а се обврзаа и да почнат разговори со своите авганистански соперници, но во преговорите е постигнат многу мал напредок.
[video:https://youtu.be/skST4MIVrdg autoplay:0]





