Тинејџерската суперѕвезда Ламин Јамал, Родри и нивните соиграчи влегуваат на турнирот како едни од главните фаворити, заедно со Франција. Бидејќи американскиот претседател очигледно сака ова Светско првенство да биде демонстрација на неговото лично влијание и на американската „мека моќ“, евентуалната шпанска победа би била слатка за шпанските фудбалски навивачи – а особено за нивниот премиер.
Гласниот социјалистички лидер Педро Санчез, навивач на Атлетико Мадрид, жестоко се судри со Трамп поради војната со Иран, но и околу трошоците за НАТО и израелската офанзива во Појасот Газа. Во меѓувреме, нивните политики за прашања како енергијата и имиграцијата речиси воопшто не се совпаѓаат.
„Ниту еден премиер досега не добил толкаво меѓународно признание поради спротивставувањето на Трамп, ниту зазел толку изразен антиамерикански став“, вели Пако Камас, директор за јавно мислење во агенцијата Ипсос. Според него, Санчез се позиционира „во првите редови на отпорот кон реакционерниот бран што ги зафаќа Европа и Западот“.
Една неодамнешна анкета на јавната истражувачка институција покажа дека две третини од Шпанците не се согласуваат со критиките на Трамп кон нивната земја, што укажува на поширока поддршка за ставовите на Санчез. Друга анкета, спроведена од независната агенција 40дб, покажа дека 82 проценти од Шпанците го сметаат Трамп за закана за светскиот мир – повеќе од кој било друг светски лидер.
Шпанија, фудбалска велесила со една светска и четири европски титули, настапите на првенството ги почнува против Зелен ’Рт во Атланта в понеделник.
Целта е патот да заврши на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси на 19 јули, со подигнување на трофејот пред претседателот на движењето МАГА, кој е толку иритиран од политиката на Мадрид.
„Шпанија е губитник“
Почетокот на влошувањето на односите меѓу Вашингтон и Мадрид беше одбивањето на шпанската влада минатата година да ги зголеми воените трошоци во согласност со американските барања.
Додека Трамп ги притискаше сојузниците во НАТО да прифатат да издвојуваат пет проценти од бруто-домашниот производ за одбрана, Шпанија – традиционално една од земјите со најниски воени трошоци во Алијансата – инсистираше тие да останат на 2,1 проценти.
Санчез изјави дека целта од пет проценти би значела „укинување на надоместоците за невработеност, боледување и мајчинство, намалување на сите пензии за 40 проценти или преполовување на државните инвестиции во образованието“.
Како одговор, Трамп ја нарече земјата „заостаната“ и во повеќе наврати зборуваше потценувачки за неа.
„Искрено, можеби треба да ја исфрлите од НАТО“, рече тој.
Годинашниов конфликт на Блискиот Исток дополнително ги заостри односите. Шпанија одби да им дозволи на САД да ги користат заедничките воени бази на шпанска територија за офанзивата против Иран, а премиерот нападите ги нарече „неоправдани и опасни“.
Трамп потоа се закани дека целосно ќе ги прекине трговските односи со Шпанија, иако тоа досега не се случи, бидејќи економските врски на земјата се длабоко вградени во Европската Унија.
„Имаме многу победници, но Шпанија е губитник“, изјави Трамп во март за Њујорк пост.
Во заднината постојано е и критиката на владата на Санчез кон израелската воена операција во Појасот Газа. Во 2024 година Шпанија, заедно со Ирска и Норвешка, ја призна палестинската држава, а владата на Санчез беше и првата во ЕУ што ја обвини администрацијата на Бенјамин Нетанјаху за геноцид.
Имиграцијата е добра работа
Кога станува збор за чувствителните општествени и еколошки прашања, Санчез и Трамп исто така се на спротивни страни.
Санчез одговори на пронафтеното мото на Трамп „Буши, душо, буши“ со сопствен слоган: „Зелено, душо, зелено“, потврдувајќи ја посветеноста на неговата влада кон обновливите извори на енергија.
Мадрид постави цел до 2030 година 81 процент од производството на електрична енергија да доаѓаат од обновливи извори, значително над просекот на Европската Унија.
Неговата влада силно ја брани имиграцијата и од економски и од хуманитарен аспект, а моментално е во процес на легализирање на статусот на најмалку половина милион нелегални странски работници.
„Доколку не ја прифатат имиграцијата, западните земји ќе се соочат со остар демографски пад што ќе ги спречи да ги одржат своите економии и јавни услуги“, напиша Санчез во Њујорк тајмс во февруари.
Во текстот индиректно го нападна Трамп поради неговата политика кон мигрантите, предупредувајќи на „незаконските и сурови“ мерки што се применуваат во одделни земји.
Судирот меѓу самопрогласената „левичарска, феминистичка и зелена“ коалиција на Санчез и администрацијата на Трамп дополнително го поттикна долго присутниот антиамериканизам во Шпанија.
Политикологот Луис Ориолс од Универзитетот „Карлос Трети“ во Мадрид објаснува дека одредено антиамериканско расположение отсекогаш постоело кај шпанската левица, но дека социјалистичките влади ретко го користеле.
Еден исклучок бил 2004 година, кога новоизбраниот премиер Хосе Луис Родригес Сапатеро ги повлече шпанските војници од Ирак.
„Социјалистите само повремено го користат тоа расположение, а кога го прават, обично им носи изборни придобивки“, вели Ориолс.
Симболична суперѕвезда
Теоретски, целата оваа политичка заднина треба да остане настрана кога шпанската репрезентација ќе го почне својот поход на Светското првенство.
Но Шпанија добро знае дека фудбалот никогаш не е далеку од политиката и контроверзиите.
Во 2023 година, веднаш по освојувањето на Светското првенство за жени во Австралија, претседателот на Шпанската фудбалска федерација Луис Рубијалес ја бакна во уста фудбалерката Џени Ермосо. Скандалот предизвика протести и остри критики од владата, а на крајот Рубијалес беше осуден за сексуален напад.
Минатиот месец, ѕвездата на Барселона Ламин Јамал зеде палестинско знаме од еден навивач и го развеа додека тимот се возеше со отворен автобус прославувајќи ја шампионската титула.
Потегот предизвика гнев кај израелската влада, која го обвини дека „поттикнува омраза“. Санчез застана во негова одбрана, изјавувајќи дека таквите критики доаѓаат од луѓе „заслепени од сопствениот срам“.
Осумнаесетгодишниот Јамал е најголемата ѕвезда на националниот тим и симбол на етнички разновидната помлада генерација во Шпанија. Неговиот татко е Мароканец, мајка му е од Екваторска Гвинеја, а тој е дете на имигранти и практикувач на исламската вера.
Некои би рекле дека тој ги претставува и поларизираните времиња во Шпанија и во светот. Јамал бил жртва на расистички навреди, а неговиот татко Мунир Насрауи еднаш бил казнет затоа што му ги скршил очилата на поддржувач на крајнодесничарската партија Вокс, која е наклонета кон Трамп, за време на расправија пред еден од нејзините изборни штандови.
Победата на Јамал и шпанската репрезентација во Северна Америка би била огромен успех на фудбалски план. Воедно, таа би претставувала уште еден пресврт во сложените односи меѓу Мадрид и Вашингтон.






