Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека министерот за одбрана Рустем Умеров ќе ја предводи делегацијата на земјата во планираниот втор круг директни преговори со Русија во Истанбул во понеделник.
Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека на Украина ѝ понудиле новата рунда преговори да се одржи во Истанбул на 2 јуни и дека делегацијата ќе ја предводи Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин.
Целта на состанокот е да се отвори патот за постигнување потенцијален прекин на огнот, објави Ројтерс.
Москва, како што е најавено, ќе „поднесе меморандум за иден мировен договор, кој ги вклучува сите аспекти за решавање на причините на конфликтот“, на денешниот состанок, објави РИА Новости.
Првата рунда преговори меѓу Украина и Русија се одржа на 16 мај, исто така во Истанбул, кога беше договорена размена на 1.000 воени заробеници.
За време на првичните преговори, Украина побара средба на шефовите на државите меѓу Зеленски и Путин, што очигледно засега нема да се случи.