„Традиционалните медиуми лажат“, тоа е она што Илон Маск го објави на својата социјална мрежа Икс, пренесува РСФ.
Како што се приближува третата годишнина од купувањето на Твитер (денешен Икс), Репортери без граници откри дека претприемачот објавил повеќе од 1.000 антимедиумски објави помеѓу септември 2024 и септември 2025 година – во просек речиси три напади дневно врз новинари и медиумски куќи.
Неговата кампања, како што пренесува РСФ, на платформата Икс има јасна цел: да го дискредитира професионалното новинарство.
Стратегијата на Маск е очигледна – тој сака да ја поткопа довербата во медиумите и да го претстави Икс како единствен алтернативен и „неопходен“ извор на информации, беше наведено.
Исто така, се стреми да ја поларизира јавната дебата, да го претвори секој корисник во производител на содржина и да го претстави како еквивалент на новинарска работа.
Повеќе од една третина од објавите што ги анализираше организацијата Репортери без граници (РСФ) сугерираат дека медиумите „ги дезинформираат граѓаните“. Како одговор на тоа, Маск го промовира Икс како „противотров“.
РСФ е загрижен бидејќи приходите од рекламирање на Икс повторно растат, знак дека оваа платформа е тука за да остане.
Репортери без граници бара донации за да може да продолжи со својата борба, да може да документира напади врз новинари и да се слушне вистината.






