вторник, 13 мај 2025

Иран ќе разговара со Велика Британија, Франција и Германија за нуклеарниот договор

Иран ќе одржи нуклеарни разговори со Велика Британија, Франција и Германија задутре во Рим, изјави денес министерот за надворешни работи Абас Аракчи, со цел подобрување на затегнатите односи во време на високоризични нуклеарни преговори меѓу Техеран и Вашингтон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Средбата ќе ѝ претходи на четвртата рунда нуклеарни преговори овој викенд меѓу Иран и САД, кои исто така ќе се одржат во Италија. „Три европски земји ја изгубија својата улога во нуклеарното досие поради погрешните политики што ги усвоија. Секако, ние не го сакаме тоа и подготвени сме да разговараме со нив во Рим“, изјави Аракчи за државните медиуми.

Ројтерс пред три дена објави дека Техеран предложил состанок со европските земји, познати како Е3, кои се страни во иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со светските сили. Политичките директори на Е3 потврдија дека ќе се сретнат со Иран задутре. Американскиот претседател Доналд Трамп го напушти овој договор за време на својот прв мандат во 2018 година.

Трамп се закани дека ќе го нападне Иран ако не се согласи на нов нуклеарен договор. Иран далеку ги надмина ограничувањата од својата нуклеарна програма утврдени во договорот од 2015 година откако САД се повлекоа од него, а европските земји ја делат загриженоста на Вашингтон дека Техеран би можел да се стреми да изгради атомска бомба. Иран тврди дека неговата програма е од мирољубива природа и се користи исклучиво за цивилни цели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ