Обемната листа на желби, распослана на 39 страници, предвидува набавки во вредност од дури 377 милијарди евра за копнените сили, воздухопловните сили, морнарицата, вселенските и сајбер капацитетите.
Иако документот претставува преглед на плановите кои ќе бидат разработени во воениот буџет за 2026 година, многу набавки се долгорочни и без јасно дефинирана временска рамка. Сè заедно, тоа е сеопфатен план за долгоодложуваната модернизација на германската одбрана, со силна зависност од домашната индустрија.
Политички, објавувањето на планот се совпаѓа со преминот кон нов модел на финансирање кој ја одделува одбраната од уставната одредба што го ограничува долгот, со што се овозможува одржливо повеќегодишно трошење независно од посебниот фонд од 100 милијарди евра, кој е речиси исцрпен. Ставките на листата ќе се спроведуваат постепено, а секоја набавка вредна повеќе од 25 милиони евра мора да биде одобрена од парламентарната буџетска комисија.
Документите откриваат дека Бундесверот планира да почне околу 320 нови проекти за набавка на оружје и опрема. Од нив, 178 проекти веќе имаат наведен потенцијален изведувач, додека останатите се „сè уште отворени“, што укажува дека голем дел од планот е сè уште во рана фаза. На препознатливите тендери, германските компании доминираат со околу 160 проекти во вредност од приближно 182 милијарди евра.
Апсолутен победник е Рајнметал. Групацијата со седиште во Диселдорф и нејзините подружници се споменуваат во 53 ставки, чија вкупна вредност надминува 88 милијарди евра.
Од тоа, околу 32 милијарди евра би отишле директно кај Рајнметал, додека 56 милијарди евра се поврзани со заеднички проекти, како што се борбените возила „пума“ и „боксер“. Документот предвидува испорака на вкупно 687 возила „пума“ до 2035 година. Во областа на противвоздушната одбрана, планирана е набавка на 561 систем скајрејнџер 30 со краток дострел, заедно со милиони парчиња муниција.
Веднаш зад Рајнметал се позиционира Дил дифенсе. Баварскиот производител на ракети се појавува во 21 ставка за набавка во вредност од 17,3 милијарди евра. Најголемиот дел се однесува на системите IRIS-T, кои треба да го формираат ‘рбетот на идната германска противвоздушна одбрана. Купувањето на 14 системи ирис-T СЛМ, заедно со стотици ракети, е планирано за вкупна вредност од околу 4,2 милијарди евра.
Беспилотните воздушни возила добиваат сè поголемо значење на списокот на желби на војската. Бундесверот планира да ја прошири својата флота од вооружени беспилотни летала херон ТП, да набави десетина тактички беспилотни летала луна НГ за околу 1,6 милијарди евра и четири поморски беспилотни летала УМАВС за морнарицата, со проценета вредност од 675 милиони евра.
Сепак, некои од најскапите проекти не се на копно, море или во воздух, туку во Земјината орбита. Листата вклучува повеќе од 14 милијарди евра за сателитски програми, вклучувајќи нови комуникациски сателити и, најамбициозно, констелација на сателити во ниска Земјина орбита во вредност од 9,5 милијарди евра. Овој потег е усогласен со планот на министерот за одбрана Борис Писториус за зајакнување на „вселенската безбедност“ на Германија.
Еден од политички најчувствителните планови е потенцијалното купување на дополнителни 15 борбени авиони Ф-35 од американската компанија Локид Мартин, во вредност од околу 2,5 милијарди евра. Така, Германија би ја задржала својата улога во програмата на НАТО за споделување на нуклеарно оружје, но и својата зависност од американското одржување и технологија. Тоа би можело да сигнализира понатамошно потпирање на американското оружје во време на политички тензии околу развојот на заеднички европски борбен авион од шеста генерација.
Бундесверот планира да купи и 400 крстосувачки ракети „томахавк“ блок Вб за 1,15 милијарди евра и три лансери „тајфун“, што би ѝ обезбедило на Германија дострел од 2.000 километри. Покрај тоа, планирано е и стекнување на четири поморски патролни авиони боинг П-8А Посејдон. Сите три проекти ги поврзуваат идните стратешки способности на Берлин со американската контрола и одржување на извозот.
Иако планот јасно наведува околу 25 проекти поврзани со странски добавувачи, нивната вкупна вредност од 14 милијарди евра сочинува помалку од 5 отсто од бараните трошоци. Сепак, овие системи го формираат ‘рбетот на стратегиските способности на Германија, од авиони способни за носење нуклеарни бомби до системи за длабински удари и поморски надзор. Меѓутоа, речиси половина од листата и најголемиот дел од финансискиот колач се цврсто втемелени во германската индустрија.






