„Веќе гледаме дека Кремљ има за цел да ја обнови својата армија. Сојузниците на НАТО мора да бидат пред Русија“, изјави Витакер за новинарите пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата денеска и утре во Брисел.
Витакер додаде дека Москва веќе го подготвува својот следен потег и дека постои руска закана.
„Русите, додека зборуваме, ги обновуваат своите сили со континуирано темпо“, изјави за новинарите генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.
Што се однесува до оружјето, Русите „за три месеци го произведуваат она што целиот НАТО сојуз го произведува за една година“, рече Руте.
Неколку западни разузнавачки служби проценија дека Русија ќе ги обнови своите воени сили за пет до седум години за да биде способна да нападне земја од Алијансата.
Американскиот амбасадор го повтори барањето, кое претседателот Доналд Трамп постојано го поставуваше, 32-те земји-членки на НАТО да се обврзат да издвојат најмалку пет отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана.
„Соединетите Американски Држави очекуваат секој сојузник да презентира конкретни планови, буџети, временски рамки и резултати за постигнување на целта од пет проценти“, рече Витакер три недели пред самитот на НАТО во Хаг каде што се очекува да се реши ова прашање.