Удреното момче падна на паркетот и се превиткуваше од болкна, беше повлечен од игра, а никој од противничкиот тим не изреагира со опомена за удирачот. Судијата досуди мртва топка, немаше ни фаул.
Откако инцидентот предизвика внимание, следуваше соопштение на кошаркарскиот клуб Љуботен кој се извини за случајот од името на играчот.
„Нашиот играч жали за постапката и ќе понесе соодветни последици по основ на дисциплинскиот правилник. Настанот се случи во атмосфера исполнета со тензични моменти на теренот, односно туркање во простор кон трибинската ограда што резултираше со пад и повреда на ногата, намерно удирање со топка во глава кон нашиот играч… Но без оглед на тоа, нашиот став е дека секогаш мора да преовладува спортскиот дух и почитта. Да не заборавиме – децата учат и растат преку спортот, а наша обврска е да им помогнеме од грешките да излезат посилни и подобри. Ние веруваме во спорт како место за пријателство, фер-плеј и вистински вредности“, се вели во соопштението на Љуботен.
Таткото на удреното дете потврди дека родителите на кошаркарот на Љуботен како и тренерот на Љуботен им се извиниле. Тој го прифатил извинувањето, но бара реакција од КФМ за судиите.
„Целиот случај е решен помеѓу родителите на двете деца. Претседателот на клубот и тренерот (воедно и татко на детето) ме контактираа и се извинија во нивно име и во име на клубот, а извинувањето е прифатено од моја страна. Ама затоа баш ме интересира што ќе преземе КФМ кон судијата што беше на помалку од еден метар од ситуацијата и досуди ‘мртва топка’“, напиша таткото на детето што беше удрено.
Сега се очекува реакција на Кошаркарската федерација на Македонија.






