Денешното издание на МД говори за зделка која може да биде една од трансфер бомбите ова лето. Барселона и Атлетико Мадрид ја разгледуваат можноста за трампа во која ќе бидат инволвирани Антоан Гризман и Саул Нигез.
Саул Нигез сака да замине од „Ванда“, Атлетико нема да му прави проблем но мора да пристигне соодветна понуда. Ливерпул пројавува конкретен интерес, но предлогот на „црвените“ од 40 милиони евра не е доволен.
Барселона е во потрага на фудбалер од средниот ред, Џини Вајналдум требаше да пристигне на Камп Ноу но Холанѓанецот во последен момент се предомисли и ги прифати милионите кои му ги понуди ПСЖ, па „каталонците“ сега се насочуваат кон други цели и на врвот на листата со желби е Саул Нигез.
За да стигне до услугите на Шпанецот, Барса го нуди Антоан Гризман. На овој начин, не само што ќе се добие квалитетно засилување, ќе се тргне и голема сума од сметката за плати, што е неопходно за Лео Меси да може да го продолжи договорот.






