Според анализата, додека земјите надвор од ЕУ и земјите во ЕУ бележат негативни бројки на патнички сообраќај, првпат по закрепнувањето од ковидот, помал број пазари, како што се Македонија, Албанија и Молдавија, кои припаѓаат на географска Европа, но се земји надвор од ЕУ, продолжуваат да бележат зголемувања.
Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, бележат двоцифрен пораст на бројот на патници. Во првите пет месеци од 2026 година, во периодот јануари – мај, двата македонски аеродроми опслужиле 31,2 отсто повеќе патници отколку во истиот период во 2025 година, или вкупно 1,6 милион патници (1.580.932), а бројот на летови пораснаотсто за 9,5 %, со вкупно 10.595 опслужени летови.
„Рекордниот двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај во првите 5 месеци ги позиционира македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките авијациски пазари во Европа и како топ-перформери од западниот дел на земјите надвор од ЕУ. По аеродромите во Скопје и Охрид, се оние во Албанија и Молдавија, исто така со двоцифрен пораст, но под 30 отсто. Ова е силна потврда дека нашите аеродроми успешно реагираат на зголемената побарувачка за воздушен сообраќај и дека земјата станува сè попривлечна и достапна дестинација. Ова достигнување е резултат на континуирани инвестиции во аеродромската инфраструктура, подобрувања на услугите, маркетинг-активности, успешна соработка со авиокомпаниите и поддршката од Владата. Особено сме задоволни што во време кога многу европски пазари доживуваат стагнација или пад на патничкиот сообраќај, Македонија е позиционирана меѓу европските лидери според порастот на бројот на патници“, вели Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Според Оливие Јанковец, генерален директор на ACI Europe, април 2026 година претставува јасна пресвртница за европскиот воздушен сообраќај.
„Иако веќе забележувавме нормализација на растот на патничкиот сообраќај по силното постпандемиско закрепнување, геополитичката нестабилност – особено конфликтите на Блискиот Исток – сега дополнително го забавува растот и открива значителни разлики во перформансите на разните пазари. Охрабрувачка вест е дека побарувачката останува генерално силна, приспособувањата на капацитетот на авиокомпаниите остануваат ограничени, а загриженоста за потенцијален недостиг на гориво за авиони е намалена“, вели Јанковец.
Според анализата на воздушниот сообраќај на ACI Europe од април 2026 година, меѓу најголемите пазари на ЕУ, аеродромите во Шпанија и Италија ги постигнале најдобрите резултати, а оние во Германија, Велика Британија и Франција забележале намалување на обемот на патници.
Најдобрите перформанси во ЕУ+ група (ги опфаќа земјите од Европската Унија, Европската економска област, Швајцарија и Обединетото Кралство) ги имаат аеродромите во Словачка, Словенија, Естонија, Малта и Полска.
Заклучокот на ACI Europe е дека – додека средните и малите аеродроми ги надминаа очекувањата, шпанските и холандските центри останаа најотпорни на глобалната геополитичка нестабилност.
Рекордниот двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај, од почетокот на 2026 година ја покажува позитивната насока во развојот на македонските аеродроми, со што се зајакнува позицијата на земјата на европската воздухопловна мапа.






