„Како сведоци на нови политички констелации, кога светот се соочува со сериозни геополитички, безбедносни, економски и општествени предизвици, мислам дека се потребни координирани европски политики, солидарност и силни партнерства на сите нас.Затоа убеден сум дека проширувањето е двигател на просперитет и безбедност, најдобриот можен инструмент на Европската унија за зајакнување и промовирање на мирот, демократијата, владеењето на правото и просперитетот во Европа, со кое се промовираат европските вредности предводени од демократијата, владеењето на правото и за подобрување на стабилноста во соседството на ЕУ“, рече Гаши.
Осврнувајќи се на регионалната поврзаност тој истакна дека претставува клучен елемент за економската отпорност, регионалната стабилност и одржливиот развој во услови на зголемена геополитичка неизвесност и трансформација на глобалните синџири на снабдување.
„Република Македонија, како држава со стратешка позиција на крстопатот меѓу Европа и поширокиот евроазиски простор, има активна улога во унапредување на регионалната инфраструктурна и транспортната поврзаност. Определбата на нашата држава е водење активна регионална соработка, промоција на инфраструктурни проекти и придонес кон стабилна, безбедна и економски поврзана Европа“, рече претседателот на македонскиот Парламент.
Зборувајќи за улогата на националните парламенти во процесот на интеграција во ЕУ, Гаши истакна дека е од исклучително значење. Пратениците имаат одговорност да обезбедат ефикасност и динамика во процесот на пристапување, да донесат квалитетни закони, законите кои произлегуваат од националните реформски агенди, да обезбедат ефикасен парламентарен надзор и да одржат постојан и активен дијалог со граѓаните.
Од особена важност, рече тој, е контруктивниот политички дијалог и консензус за европската агенда.
„И покрај разликите во политиките помеѓу политички партии во парламентите, ние мораме да одржуваме конструктивен политички дијалог и консензус за европската агенда. Парламентите треба да работат ефикасно, да се продолжи со спроведување на реформите поврзани со ЕУ во областите на фундаменталните вредности, владеењето на правото, јавната администрација, управувањето со јавните финансии, дигиталната трансформација и економскиот развој, сето тоа со единствена цел – побрзо да стигнеме до полноправно членство во Европската Унија“, рече Гаши.
Конференциите на КОСАП и форумите на тема интеграцијата во ЕУ претставуваат важна платформа за размена на ставови помеѓу парламентарците и за зајакнување на регионалната соработка во областа на европската интеграција на земјите од процесот на пристапување во ЕУ.
Потпретседателот на Собранието, воедно и претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието Антонијо Милошоски, кој е домаќин и претседава со состанокот истакна дека тој се одржува во значаен момент имајќи го предвид проширувањето на ЕУ без разлика на модалитетите на проширувањето на ЕУ.
„Дали ќе бидат како досегашните конвенционални коишто ги знаеме или можеби ќе има и одредени дополнителни механизми и редефинирања. Во секој случај регионалната соработка за нас барем во Република Македонија е голем приоритет и се надевам дека тој заеднички именител го споделуваат сите учесници коишто се присутни на денешната конференција“, рече Милошоски на отворањето на Конференцијата.
Милошоски истакна дека она што во моментов е движечка сила и цел за нас е реформската агенда којашто ја имаме изготвено заедно со европската делегација, заедно со Европската комисија.
„Тоа е агенда поврзана и со планот за раст на Европската Унија. Сите земји во регионот имаат на некој начин изготвено вакви агенди и мислам дека реформите се еден процес којшто е корисен за секоја од нашите земји, а и за подобрување на стандардите во секоја област од животот“, рече Милошоски.
Според него, нема земја во регионот што се сомнева во европеизацијата и во процесот на евроинтеграции.
„Ние самите сме свесни дека имаме одредени работи во коишто сме послаби, имаме одредени недостатоци, имаме одредени посилни страни, но во секој случај определбата за европските интеграции е сериозна и е дел од платформите на сите релевантни политички субјекти, рече тој изразувајќи надеж дека процесот на проширување ќе стане исто така важен како тема и приоритет и за земјите – членки на Европската Унија“, рече Милошоски.
Најголем дел од нив, додаде тој, секогаш биле постојано посветени на процесот на проширување, дел од нив биле можеби некогаш повоздржани или поскептични, но после руската агресија против територијалниот интегритет на Украина, смета дека тој нов политички момент создал услови за повторно процесот на проширување да стане тема на разговор на највлијателните земји – членки во Европската Унија.
„Се надевам дека и ние ќе можеме да го дадеме својот придонес и да го искористиме моментот и да направиме секој за својата држава еден чекор напред. А ако работиме како регион заеднички, тогаш може и да направиме многу посериозни чекори за приближување“, истакна потпретседателот на Собранието.
На отворањето на конференцијата зборуваа и амбасадорката на Германија Петра Дрекслер и генералениот секретар на Регионалниот совет за соработка Амер Капетановиќ.
На настанот учествуваат делегации од парламентарните комисии за европска интеграција од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија, како и гостински делегации од Големото национално собрание на Турција и Парламентот на Грузија.
Според агендата, по отворањето ќе следува прва сесија посветена на улогата на Берлинскиот процес во зајакнувањето на регионалната соработка на Западен Балкан, на која ќе се обратат амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас и претседателката на Комисијата за европски прашања на Хрватскиот сабор, Јелена Милош.
Втората сесија ќе биде фокусирана на унапредување на регионалната поврзаност преку модерна транспортна инфраструктура, енергетска безбедност и зелена транзиција, со учество на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, како и заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ.
Третата сесија ќе се однесува на процесите на европска интеграција на земјите од Југоисточна Европа во актуелниот геополитички контекст, а говорници ќе бидат заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, и експертката за Европската Унија, Малинка Ристевска-Јорданова.
По завршувањето на дискусиите, предвидено е усвојување на заедничка изјава и затворање на Конференцијата, по што ќе следуваат изјави за медиумите.
Конференцијата традиционално се организира со поддршка на Советот за регионална соработка (RCC) и Германското друштво за интернационална соработка (GIZ), во име на Германското федерално министерство за економска соработка и развој.
МИА






