Наместо долгогодишно чекање на полноправно членство, официјален Берлин и Париз предлагаат постепена интеграција која би им овозможила на кандидатите да добиваат конкретни придобивки уште во текот на преговорите. Иако во меѓувреме неколку држави напредуваа во преговорите, а некои отворија и затворија значителен број поглавја, процесот на проширување сè почесто се оценува како бавен, бирократски и недоволно мотивирачки.
Македонија меѓу потенцијалните добитници
Според документот, државите кои ќе покажуваат реален напредок во исполнувањето на европските критериуми би можеле постепено да се вклучуваат во различни политики, институции и програми на Европската Унија. Тоа значи дека државите кандидати би можеле да добијат привилегиран пристап до единствениот европски пазар, да учествуваат во работата на одредени институции како набљудувачи, да бидат дел од европските програми за образование, наука и иновации и да воспостават подлабока безбедносна и одбранбена соработка со Унијата.
„Нашата заедничка цел е да ја довршиме Унијата како вистинска европска заедница. За оваа амбиција да стане реалност и за да се внесе нова динамика во процесот, потребно е да се обезбедат дополнителни поттикнувања во рамки на постепен и на заслуги базиран процес на интеграција. Истовремено, треба да се поедностави сегашниот процес за да стане поефикасен и да овозможи побрза и подлабока интеграција во Европската Унија врз основа на Копенхашките критериуми. Не сакаме да го продолжиме патот кон Европската Унија, туку да создадеме дополнителни поттикнувања кои ќе овозможат побрзо движење по тој пат“, се наведува во документот.
За Македонија, која долг период е заложник на политички блокади ваквиот пристап би можел да има особено значење.
Во последните години во јавноста сè почесто се појавуваат критики дека европската перспектива станува далечна и тешко видлива за граѓаните. Голем дел од реформите што се спроведуваат бараат сериозни институционални и финансиски ресурси, додека конкретните придобивки од европскиот пат честопати се одложени со години. Новата француско-германска иницијатива има за цел токму тоа да го промени. За Македонија тоа би можело да значи поблиско вклучување во европските економски текови, подобра интеграција на домашните компании во европскиот пазар и поголеми можности за младите преку образовните и научните програми на Унијата.
„Овие механизми треба да се темелат на напредокот што земјите го постигнуваат во пристапниот процес и да бидат реверзибилни, односно да можат да се повлечат доколку дојде до назадување во реформите или во почитувањето на основните вредности и принципи на Европската Унија. Иако секоја земја кандидат треба да има индивидуален пристап прилагоден на нејзините специфики, новиот модел би понудил непосреден и опиплив напредок за сите кандидати. Намерата не е да се замени полноправното членство, туку целта е да се создадат дополнителни поттикнувања што ќе овозможат побрзо напредување на тој пат“, пишува во неформалниот француско-германски предлог.
Пристап до единствениот европски пазар
Еден од најважните елементи на француско-германскиот предлог се однесува на постепеното отворање на Единствениот европски пазар.
Според предлогот, земјите кандидати би можеле постепено да се интегрираат во одделни сегменти на овој пазар уште пред формалното членство. Меѓу областите што се споменуваат се СЕПА системот за меѓународни плаќања (во кој Македонија е вклучена од 2025 година), европската политика за роаминг (вчера, Советот на Европа го одобри отворањето на преговорите со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија), програмата ТАИЕКС (Македонија е активен учесник во оваа програма), енергетскиот пазар, дигиталниот единствен пазар, транспортната заедница, намалувањето на трговските бариери, интеграцијата во европските индустриски политики.
Значаен дел од предлогот се однесува и на образованието, науката и мобилноста. Франција и Германија предлагаат земјите кандидати да добијат поширок пристап до програмите Еразмус+, Хоризонт Европа, Дигитална Европа, Креативна Европа (Македонија е веќе дел од овие европски програми), но, спеак го нема истиот статус како земјите членки на ЕУ. За младите во регионот ова би значело повеќе можности за студирање, истражување, професионално усовршување и размена со европските партнери. Во време кога Западен Балкан се соочува со масовно иселување на младите, ваквите мерки се гледаат како можност за задржување на човечкиот капитал и за создавање посилни врски со европските институции.
Поголема вклученост при донесувањето одлуки во ЕУ
Еден од најинтересните делови од иницијативата е предлогот, земјите кандидати постепено да се вклучуваат во работата на европските институции. Тоа би значело учество на одредени состаноци на Советот на Европската Унија и на Европскиот совет како набљудувачи, без право на глас. Предвидени се и почести состаноци меѓу европратениците и парламентарците од земјите кандидати, како и заеднички средби со Европската комисија.
На тој начин државите што се подготвуваат за членство би можеле уште во текот на преговорите подобро да ги разбираат механизмите на функционирање на Унијата и да учествуваат во креирањето на одредени политики.
Во услови на војната во Украина и променетата безбедносна состојба на Европа, соработка е една од клучните теми во документот. Франција и Германија предлагаат подлабоко вклучување на земјите кандидати во европските безбедносни механизми, вклучително и во одбранбените партнерства, проектите на ПЕСКО (безбедносна и одбранбена иницијатива во рамките на ЕУ) , соработката со Фронтекс (Македонија не е членка на Фронтекс, но има потпишано статусен договор за време на бегалската криза од 2015 година) и европските системи за сајбер-безбедност.
„Ја повикуваме Европската комисија да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати на нивниот пат кон членство во Европската Унија. Ова треба да опфати, меѓу другото, привилегиран пристап до Единствениот европски пазар врз основа на реалниот напредок во преговорите, поблиско поврзување со европските институции во секојдневниот процес на одлучување, можност за постепено доделување статус на набљудувач во институциите на Европската Унија, под услов да се зачува автономијата на процесот на одлучување на Унијата“, се наведува во неформалниот француско-германски документ.
Сепак, сето ова е условено, како што се наведува во документот, од реалните и доследни отворања и затворања на поглавјата.
Неформалниот документ на Франција и Германија не претставува официјална политика на Европската Унија, но, неговата „тежина“ произлегува од фактот што предлогот доаѓа од двете највлијателни членки на ЕУ, Франција и Германија.
Европска Унија со 40 земји членки
Претседателот на Финска, Александар Стуб, вчера изјави дека Европската Унија треба да разгледа значително проширување и да опфати 40 држави членки, вклучувајќи ја и Канада.
Зборувајќи на енергетска конференција во Хелсинки, Стуб како потенцијални идни членки или блиско поврзани земји покрај Канада ги наведе и Велика Британија, Турција, Норвешка и Исланд, пренесе Си-ен-би-си.
Тој оцени дека актуелните глобални околности, вклучувајќи ја војната во Украина и политиката на САД, создаваат „краток прозорец на можности“ за проширување на Европската Унија и зајакнување на нејзината стратешка моќ.
Стуб конкретно посочи дека ЕУ треба да го разгледа враќањето на Велика Британија во блокот или нејзиното приближување кон Унијата, како и зајакнувањето на односите со земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги Србија, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Турција ја наведе како земја за која, како што рече, не се зборува доволно, но која е важна од безбедносна перспектива и треба да биде што е можно поблиску до Европската Унија.
Тој, исто така, оцени дека и Канада може да се смета за потенцијален партнер или член, со порака дека би било пожелно таа да биде поблиску до Европа отколку до Соединетите Американски Држави.
Претседателот на Финска додаде дека проширувањето е најдобрата европска политика и дека е потребно „да се размислува географски и амбициозно“, иако истакна дека сè уште е неизвесно како таквото проширување би се имплементирало во пракса.
И.О.






