понеделник, 1 јуни 2026

Условна казна за членот на обезбедувањето на премиерот, кој си ја претепа сопругата

Членот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, Р.Р. призна вина и доби условна казна затвор, соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје. Ристовски беше обвинет за телесна повреда, затоа што физички ја нападнал својата 37 годишна сопруга.

Објавено на

часот

Сподели

„На денешното рочиште обвинетиот призна вина и судот му определи казна затвор во траење од една година и шест месеци, доколку во наредните три години стори друго кривично дело“, соопштија од Кривичниот суд-Скопје.

Работното место на осудениот сѐ уште е во мирување сѐ додека МВР не ја добие правосилната пресуда

Осудениот полицаец од Шестата управа на МВР беше обвинет за кривично дело телесна повреда. Обвинителството тврдеше дека тој ја нападнал сопругата пред ќерката, ја удирал по лицето и по главата и ја давел.

„Оштетената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил нејзиниот мобилен телефон. Заедно со ќерката побарале помош кај сосетка, која ги примила во својот дом“, соопшти Обвинителството на почетокот на мај, кога тепаната и давена жена го пријави сопругот-насилник.

По апсењето на членот на претходницата на  неговото обезбедување, премиерот Мицкоски рече дека тоа е мал престап, а законот важи подеднакво за сите и тука нема никаква дилема.

„Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото, кога членови на обезбедување на претседател тепаа граѓани, дивееја по дискотеки и минуваа неказнето. ​Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ дека можеме и во иднина. Недисциплина јас не толерирам, не само во рамките на моето обезбедување, туку, за волја на вистината, тоа е припадник на претходницата која не ја гледам така често. А, за волја на вистината, сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, откри тогаш Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ