Од млекарницата тврдат дека до денеска не добиле никакво решение, известување, казна или препорака од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за неправилности во декларирањето на нивните производи.
„Сите наши производи се тестирани и во целост ги исполнуваат пропишаните стандарди за безбедност на храна — составот е идентичен со декларираниот. Инсинуациите и шпекулациите засновани на непроверени извори директно ја нарушуваат репутацијата на компанијата и ги доведуваат во заблуда потрошувачите“, велат од млекарницата „Ѓорѓиеви“.
Оттаму побараа од сите медиуми и профили на социјалните мрежи да се придржуваат до факти и официјални соопштенија.
„АХВ јавно не ги објави имињата на казнетите оператори — затоа никаков медиум нема основа да асоцира кој и да е производител без официјална потврда. Млекарница ‘Ѓоргиеви’ работи со традиција и совест. Нашите потрошувачи добиваат токму она што пишува на декларацијата“, се вели во дописот од управата на млекарницата.






