„Сите нѐ потресе случајот во Гостивар, каде поголем број граѓани пројавија симптоми на труење, а постојат сомнежи дека причината е загадената вода за пиење од градскиот водовод. Во вакви моменти нема место за чекање – потребни се брза реакција, човечност и солидарност! Град Скопје веднаш испраќа цистерни со питка вода за жителите на Гостивар, со цел да им се обезбеди безбедна вода за пиење во периодот додека траат испитувањата и сè до целосно надминување на состојбата“, вели градоначалникот во објавата на Фејсбук.
Како претседател на ЗЕЛС, упатува апел до сите колеги градоначалници во рамки на своите можности, да понудат и испратат помош.
„Само обединети и солидарни можеме полесно да се справиме со оваа сериозна состојба и да им дадеме сигурност на граѓаните дека не се сами“, вели тој.
Изразува длабока загриженост за целиот случај и апелира до надлежните институции темелно и транспарентно да ги утврдат причините, а доколку се утврдат неправилности – да има одговорност.
„Град Скопје и јас како градоначалник ќе останеме со гостиварчани сè додека трае оваа состојба. Нашата помош и поддршка ќе бидат постојани, сè до нејзино целосно надминување. Во неволја се познава човечноста“, посочува градоначалникот Ѓорѓиевски.





