сабота, 15 ноември 2025
Локални избори 2025

Слободни и независни: „Изгубениот тунел“ под комплексот Дајмонд во Скопје, засега е дупка од 100 милиони евра

Движењето Слободни и независни (Слободоумни и финансиски независни) денеска го отвора прашањето за „изгубениот тунел“ под комплексот Дајмонд во центарот на Скопје, кој според нив е „симбол на нетранспарентни договори кои ги чинат граѓаните скапо, додека фирмите и политичарите профитираат“.

Објавено на

часот

Сподели

„Комплексот Дајмонд е изграден од фирмата Лимак во самиот центар на Скопје. Според договорот потпишан помеѓу Лимак и Министерството за транспорт и врски, фирмата е обврзана да изгради подземна сообраќајница, а државата, односно Градот Скопје и Општина Центар, во замена ќе ја ослободат фирмата од плаќање комуналии во висина од 100 милиони евра.

Како по правило, за секој голем проект, приватните фирми се во добивка, а граѓаните се во голема загуба. Во овој случај, загубата е двојна. Доколку не постоеше комплексот, ќе имавме широки сообраќајници и парк. Сега имаме грдосија, а со наши пари треба да се направи подземната сообраќајница. И да е направена, во моментов е еден огромен подрум од 100 милиони евра. Наместо 100 милиони евра во градската каса, добивме огромно ништо, односно сообраќаен метеж платен од буџетот.
Уште поалармантно е дека ниту една партија не го отвори ова прашање во изборната кампања, што остава сомнежи дека сите големи партии се вклучени во матната зделка“, велат од Слободни и независни.

Од движењето, во последниот ден пред изборниот молк за локалните избори в недела, инсистираат дека е – време е за отворени карти и одговорност.

„Овој скандал не е само финансиска дупка од 100 милиони евра, туку и црна дупка на транспарентноста во македонското управување. Договорот со Лимак, потпишан пред повеќе од пет години, никогаш не бил целосно објавен во јавноста – граѓаните не добиле увид во деталите за обврските, роковите и казните за неодржување. И покрај ветувањата од 2019 година дека подземната сообраќајница ќе биде готова до второто тримесечје на 2020 година, нема никакви официјални извештаи за напредокот, буџетот потрошен или причините за доцнењето. Град Скопје и Министерството за транспорт молчат за статусот на проектот, додека Општина Центар не споделува податоци за ослободувањето од комуналии“, велат од Слободни и независни.

Затоа, од овој политички субјект бараат итна транспарентност: објавување на целосниот договор со сите клаузули, вклучително и оние за ослободување од комуналии и можни измени, да бидат достапни на порталот за отворени финансии; независна ревизија од Државниот завод за ревизија или меѓународен експерт да провери дали Лимак ги исполнил обврските и колку пари се загубени; јавни извештаи со редовни ажурирања од Град Скопје за состојбата на „подрумот“ – дали постои, дали е поврзан со другите улици и што чини дополнителното приклучување;  граѓанско учество, односно јавни консултации за идните урбани проекти, за да се спречиат вакви „изгубени“ зделки.

„Без транспарентност, секој договор станува алатка за профит на неколкумина, а товар за сите. Движењето Слободни и независни ќе бара одговорност преку петиции, протести и правни чекори, за да се врати довербата во институциите“, укажуваат од движењето.

Притоа велат дека во овој случај се наметнуваат повеќе прашања.

„Дали подземната сообраќајница постои и ако постои дали има четири или шест ленти?  Зошто становите во кулите Лимак сè уште немаат имотни листови?  Од каде Стопанска банка Битола се јавува како сопственик на парцела во комплексот?  Дали уште на почетокот е договорено да има доградба на хотелот Лимак за да се платат 50 % пониски комуналии? Уште колку ќе нè чини приклучувањето на „подрумот“ со другите сообраќајници? Дали уште нови 100 милиони?“, прашуваат од Слободни и независни.

Истовремено од Слободни и независни ги повикуваат медиумите и граѓаните да се приклучат во потрага по вистината и правдата за вој случај .
„На крај, како епитаф на оваа кампања, можеме да заклучиме дека демократијата и медиумите во Македонија остануваат заробени во скапо платен подрум. Како движење, продолжуваме во нашата мисија за демократизација на Македонија.
Ги повикуваме медиумите и граѓаните да се приклучат на оваа потрага по вистината и правдата“, велат од Слободни и независни.

Движењето Слободни и независни (Слободоумни и финансиски независни) е составено од долгогодишни граѓански активисти препознатливи преку здруженија Но Пасаран, Човекот над профитот и Превентива. Политичкото крило на движењето е преставено од ПП Работничка партија Скопје.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ