Како што денеска соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова, целта на договорот е преку зајакнување на меѓународната соработка и координација, да се сопре губењето на биолошката разновидност и деградацијата на екосистемите.
„Истакнувајќи дека иако сме континентална држава направивме извонреден потег со тоа што пристапивме кон овој договор, како и многу други држави, Сиљановска-Давкова рече – ‘затоа што кога зборуваме за водите, мислиме на водите од потокот, од изворот, па до океанот и затоа е важно што повеќе држави да го потпишат договорот’ “, се наведува во соопштението.
Претседателката укажала дека договорот ни наметнува и сериозни обврски кои треба сериозно да ги сфатиме, затоа што сме должни како држава да сториме сè за заштита на водниот биодиверзитет и за одржлив развој на водите.
„Оценувајќи дека состојбата со океаните и со водите воопшто не е сина, претседателката нагласи дека нештата мора да се менуваат во интерес на нивната заштита, затоа што добробит од тоа имаат сите држави на светот, без оглед дали се на море или не – тоа значи дека и нашата држава ќе има само корист од заштитата на водите“, се додава во соопштението.
Во рамки на конференцијата што се одржува во Ница, претседателката Гордана Сиљановска Давкова имала и кратка средба со францускиот претседателот Емануел Макрон.