„Само преку последниот конкурс, во пресрет на минатите парламентарни избори на 31 декември 2023 година, биле реализирани точно 699 вработувања. Станува збор за партиски и несоодветни кадри од кои повеќето, до август минатата година односно пред доаѓањето на новиот менаџерски тим – воопшто не се ни појавувале на работните места, иако редовно земале плата и им биле плаќани придонеси. Овие вработувања биле реализирани преку груба злоупотреба на систематизациите во сите подружници на АД ЕСМ, што укажува на системско непочитување на процедурите и можна злоупотреба на службената положба во претходниот период.
За да се обезбеди навремено и соодветно спроведување на работните процеси, АД ЕСМ мора да ги пополни некои од испразнетите места преку привремени вработувања на стручни кадри. Паралелно со ова, во тек се процедури за усогласување и усвојување на новите систематизации, со цел целосна оптимизација на човечките ресурси. Ова вклучува ревизија на постоечките работни места, утврдување на реалните потреби на компанијата и воспоставување транспарентни и законски процедури за вработување. До моментот на усвојување на нови систематизации по сите деловни единици на компанијата – секое привремено вработување, ќе биде спроведено исклучиво во согласност со позитивните законски прописи.
Новото раководство е посветено на воспоставување систем заснован на професионализам, одговорност и транспарентност. Се очекува дека овие мерки ќе придонесат за стабилизирање на компанијата, подобрување на нејзината ефикасност и воспоставување здрава работна атмосфера, ослободена од политички влијанија и несоодветни вработувања.
Апелираме до политичките партии да не го злоупотребуваат АД ЕСМ за собирање дневнополитички поени, особено затоа што токму коалицијата на СДСМ и ДУИ креираше стотици партиски и нестручни вработувања чие ангажирање влијаеше на влошување на состојбите во компанијата“, се вели во реакцијата на АД ЕСМ.