„Што се однесува до повторното актуелизирање на дистанцирањето на објектите како наводно решение и во овој предлог закон, како Асоцијација сме категорично против.
Прво, дистанцата на одреден бизнис е дискриминаторска и уставно-спорна одредба. Со темелните вредности на македонскиот устав се предвидува ‘слобода на пазарот и претприемништвото’ и оттука крајно спорно е државата да воведува законски ограничувања кои немаат карактер на фиксна рамка, бидејќи не може да се предвидат одредени идни околности во моментот на издавање на лиценца. Имено, дистанца од 500 метри во 2027 може да не биде 500 метри во 2029 година.
Второ, дистанцата од 500 метри е законска одредба која ќе ги затвори легалните објекти за игри на среќа. Дистанцата не може да се спроведе во пракса со опстојување на легалните објекти за игри на среќа. Потврда за ова е признанието на актуелниот градоначалник на Чаир за еден медиум, кој за новиот предлог закон изјави: ‘Според фактичката состојба, на пример во мојот Чаир можеби нема да има ниту еден објект за игри на среќа, бидејќи каде и да се свртиш има училиште. Но, и во другите општини ќе има ист ефект’. Затоа, владините претставници не треба да го сокриваат овој ноторен факт дека предлогот значи затворање на еден легален економски сектор.
Трето, дистанцата на легалните објекти за игри на среќа со образложение дека така се заштитува младината, не оди заедно со одредбата со која државата го задржува правото да организира интернет игри на среќа. Младината преку мобилните уреди ќе може од било каде да ја следи или да игра на државната онлајн платформа за игри на среќа. Оттука, дистанцата нема никаков рационален ефект ниту оправдување.
Уште еднаш повторуваме дека дистанцата не само што не е решение, туку ќе создаде хаос во општеството. Затворањето на легалните објекти за игри на среќа, како што се случи и во Албанија, ќе предизвика отворање на објекти на црно по подруми каде младината ќе биде лесна цел. Државата ќе изгуби најмалку 350 милиони евра годишен прилив во централниот Буџет што во моментов е најмалку 6 проценти од проектираните приходи. Конечно, со ваков пристап државата од 10 илјади вработени ќе направи 10 илјади невработени кои со своите семејства ќе станат најмалку 35 илјади нови кандидати за иселеници во западните земји. Да не зборуваме што штета ќе имаат и 54 до 100 илјади други работни места кои индиректно значително ползуваат од овој економски сектор. Албанскиот премиер не случајно ја прекина тамошната четиригодишната забрана на легалните игри на среќа со образложение дека почнале да никнуваат диви играчници како печурки а нивниот државен Буџет изгубил значителни приходи.
Бараме од Собранието да покаже висока демократска свест. Без јавна расправа, без да се чуе мислењето на експертската јавност, секое продолжување на постапката за носење на овој предлог закон за игри на среќа ќе биде штетен преседан кој ќе предизвика тешки правно-финансиски последици. Актуелните приредувачи на игри на среќа како најголем работодавец во земјата имаат право да бараат нивниот глас да се слушне. Нема да дозволиме заради дневно политички цели да се разгради актуелниот систем на игри на среќа, кој е еден од најстрого регулираните во регионот и пошироко“, се вели во реакцијата на АПИС.






