петок, 14 ноември 2025
Локални избори 2025

Први официјални резултати на ДИК – излезноста е 41,93%

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ги соопшти првичните официјални резултати  од гласањето во вториот круг на локалните избори што се одржа вчера. Како што истакна претседателот на ДИК Борис Кондарко, се гласаше во 32 општини и во градот Скопје, а вкупниот бројот избирачи изнесуваше 1.013.357. Бројот на избирачки места на кои се спроведе гласањето беше 1.777, вкупниот број избирачи кои гласале е 424.923 или 41,93 отсто. Бројот на неважечки гласачки ливчиња е 23.930, а на важечки 404.464.

Објавено на

часот

Сподели

За градоначалник на Скопје гласале 167.575 гласачи. Вкупниот број неупотребени ливчиња е 306.729, бројот на важечки гласачки ливчиња е 157.047, а на неважечки 10 528.

За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски во вториот круг гласале 95.572 избирачи или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ гласале 61.475 или 36,69 проценти од вкупниот број избирачи.

„Од денеска, од 16:30 часот, од објавувањето на првичните официјални резултати, во наредните 48 часа, до среда, до 16:30 минути, течат роковите за евентуални приговори врз основа на објавените првични официјални резултати, а за спроведување на постапката на утврдување на резултатите од гласањето. Приговорите се доставуваат директно до ДИК, електронско поднесување не е дозволено“, истакна Кондарко.

Според него, ако има приговори, крајниот рок за објавување на конечните резултати од локалните избори ќе биде понеделник или најдоцна вторник.

„Ако до среда, до истекот на рокот за поднесување приговори во некоја од 32-те оопштини не бидат поднесени приговори, за тие места каде нема приговори ДИК во четврток ќе објави конечни резултати. Доколку бидат поднесени приговори, ДИК има рок од 72 часа да одлучува по приговорите. Тоа во денови доаѓа некаде до сабота. Потоа, по одлуките на ДИК, има рок од 24 часа за поднесување тужби до Управниот суд. Тоа би било најдоцна до недела. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување по тужбите. Значи, крајните рокови за одлучување на Управниот суд би биле до понеделник. Понеделник или најдоцна вторник, по конечните одлуки на Управниот суд, би бил крајниот рок за објавување на конечните резултати. Конечните резултати ќе бидат соопштени на седница на ДИК за што јавноста ќе биде навреме иозвестена“, истакна Кондарко.

Од 19 часот вчера течат роковите за приговори по основ на постапката за спроведување на гласањето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ