Младите зборуваат отворено за менталното здравје, а возрасните сè уште не се подготвени да слушнат, посочија од Про локал Битола.
„Младите денес имаат храброст да зборуваат за своите чувства, стравови и предизвици, но општеството сè уште не создава доволно простор за да ги чуе и уште поважно, да им помогне навремено и сеопфатно. Дискутиравме и за влијанието на социјалните медиуми, јавната осуда и булингот, како и генерациските разлики во вредностите и начинот на комуникација меѓу младите, наставниците и родителите. Овие појави го обликуваат секојдневието на младите и бараат долгорочен, заеднички и системски пристап што ќе вклучи училишта, семејства и локални институции во координирана акција. Менталното здравје не треба да биде тема за која се молчи, напротив треба да се зборува, дури и кога е полесно да се зборува во трето лице“, истакнаа од Про локал Битола.
Во дебатата на тема „Менталното здравје кај младите“ учествуваа директори на средните училишта во Битола со кои Про Локал потпиша меморандум за соработка, психолози, педагози и претставници на Општина Битола.






