„За сега до Обвинителството нема никаква пријава за ваков случај. Немаме добиено пријава ниту од оштетено лице, ниту пак имаме добиено некакво известување од МВР дека некој кај нив пријавил ваква група. Во тој случај обвинителот не може да постапува. Доколку има пријава, тогаш веднаш ќе постапиме“, велат од Обвинителството за МКД.мк.
Во октомври годинава, голи фотографии и видеа од девојки Ромки се споделуваа преку социјалните мрежи. Страницата за која предупредија Иницијативата на жени во Шуто Оризари и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, е пријавена кај надлежните институции и за сега е недостапна.
Ова беше нов случај на „Јавна соба” и во групата која е направена беа споделувани експлицитни приватни фотографии и видеа на жени и девојки Ромки.
Од Националната мрежа апелираат дека овој нов случај е уште една потврда дека итно е потребна измена на Кривичниот законик и дека треба да се воведе ново кривично дело „Сексуално вознемирување преку интернет”.
Од околу 12.100 члена на групите „Јавна соба 1″ и „Јавна соба 2″, само двајца беа откриени и за нив беше отворена судска постапка. Овие две лица се гонат за производство и дистрибуција на детска порнографија, кривично дело што се однесува само за малолетници.
Оваа постапка, според официјални информации од Судот, сѐ уште е во тек и трае. За другите што учествуваа во групите во кои се споделуваа голи фотографии од жени и девојки, се крадеа и се злоупотребуваа лични податоци, беше пишувано дека нуделе сексуални услуги… ниту еден не е откриен, ниту пак гонет за кривичните дела што им ги сториле на полнолетни девојки и жени.
Откако на мрежата „Телеграм” беа отворени овие две групи, голем број девојки чии фотографии беа украдени од социјалните мрежи, а под нив беше пишувано дека нудат сексуални услуги, беа вознемирувани, им беа упатувани погрдни зборови, имаа проблеми, осуда од општеството… За жртвите се ангажираа и психолози од целата држава, кои им понудија бесплатна помош и поддршка, но сѐ почна и заврши тука. Две години институциите што треба да им дадат сигурност и безбедност на жените и девојките дека сторителите ќе се казнат, тоа не се случи.
Случаите Јавна соба 1 и Јавна соба 2 единствено придонесоа да се направат измени во Кривичниот законик, каде беше вметнато кривичното дело демнење.
Но за сега промените се само на хартија во Собранието каде чекаат да бидат усвоени, бидејќи во пракса нема ниту идентитет, ниту сторители, ниту казни…
За овие случаи од Обвинителството денес ни беше одговорено дека постапка стои во место бидејќи од социјалната мрежа „Телеграм” не е добиен одговор за податоците на членовите на групата.
К.Д.






