„Од 26 јуни до денес на територија на нашата држава избувнаа 106 шумски пожари од кои најлошиот беше во Берово и Пехчево. Изгореа објекти, стари куќи и придружни објекти и еден покрив на куќи во Кочани. Владата ќе ги обесштети граѓаните, а се прави проценка и се утврдуваат штетите на останатите. Мали се штетите во населените места. Благодарение на активната кампања на сите субјекти на системот свесноста кај граѓаните е на повисоко ниво и граѓаните се помалку се појавуваат како фактор за предизвикување на пожар. Ако состојбата е стабилна, за движењето во шуми ќе побараме да биде само со документ, а не со целосна забрана”, рече на прес-конференцијата Ангелов.
МВР откри повеќе случаи на намерно запалени пожари, а зголеменото присуство на полицајци придонесе да се намалат пожарите. До сега според Ангелов потврдено е дека три пожари во Кочани се подметнати.
„ЦУК и главниот штаб за управување со кризи искажуваат благодарност до оние граѓани кои ги почитуваа мерките, како и до оние кои помогнаа да се изгаснат пожарите. Благодарност и до пилотите на АРМ кои помогнаа да се изгаснат пожарите од небо. Тие се оние кои имаат носечка улога во овој дел, благодарност до пожарникарите, ДЗС, „Национални шуми” и на сите институции, како и на војниците и полицајците. Благодарност и до сите странски субјекти кои помогнаа”, рече Ангелов.
Според Ангелов, пожарите ги покажаа слабостите за кои претходно бевме свесни, но сега мора да дадеме се од себе и да направиме брзи, длабоки и хируршки реформи.
„Уште од сега активно правиме план за реформи и ќе формираме широко тело кое ќе ги спроведе овие реформи”, дополни Ангелов.






