„Со оглед на влошување на безбедносната ситуација, поддржуваме, работиме на тоа и ги повикуваме сите страни во Авганистан, да го почитуваат и олеснат безбедното напуштање на земјата од страна на заинтересираните странски државјани кои во моментов се наоѓаат таму, како и на жителите на Авганистан кои сакаат да ја напуштат земјата.
Оние субјекти и организации кои се на позиција на власт во земјата имаат одговорност за заштита на човечките животи и имотите, како и за итно возобновување на безбедноста и стабилноста на земјата“, пишува во заедничката изјава.
Во текстот уште се додава дека на Авганистанците и странците кои сакаат да заминат од земјата тоа мора да им се дозволи, патиштата, аеродромите и граничните премини мора да останат отворени, а мирот мора да се одржи.
„Авганистанските граѓани заслужуваат да живеат безбедно, сигурно и достоинствено. Ние, од меѓународната заедница сме подготвени да им помогнеме“, пишува во текстот на заедничката изјава.
Македонското Министерство за надворешни работи, пак, како што соопшти, продолжува внимателно да ја следи состојбата во Авганистан и да презема чекори во насока на заштита на македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на земјата.






