„Нашата позиција останува непроменета. Со нетрпение ја чекаме првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. И двете земји ги исполнија условите и сега е на ЕУ да испорача”, му порачал еврокомесарот на шефот на македонската дипломатија, изјавила портпаролката Ана Писонеро за МИА.
Од Европската Комисија додаваат дека сега откако поминаа изборите во Бугарија, Брисел се надева на брз напредок на терен во решавањето на отворените прашања помеѓу Скопје и Софија.
„Комисијата ќе остане во близок контакт со сите релевантни страни и ќе продолжи да работи со словенечкото претседателство за да се постигне нашата заедничка цел за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија уште оваа година”, вели Писонеро, додавајќи дека ги охрабруваат Северна Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните спорови.
Одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција, која го означува формалното започнување на преговорите за членство со ЕУ, и усвојувањето на преговарачката рамка, се носи во Советот на ЕУ, односно на ниво на земјите членки, а Европската Комисија има улога на предлагач.
Засега и покрај сите позитивни сигнали од Европската Комисија и од сите земји членки на ЕУ, Бугарија сепак ја блокира Македонија во процесот.
Надежта е дека до 31 декември ќе се изнајде решение. Османи вчера за МИА изјави дека „алармот е вклучен” секаде во Европа и во САД, но дека никој не може да гарантира дека Софија ќе го крене ветото.






