Генералот Филип Лавињ, изрази честитки за брзото и успешно завршување на военото интегрирање на државата во Алијансата, нагласувајќи дека Северна Македонија може да смета на солидарноста и поддршката на НАТО сојузниците.
„НАТО проширувањето се покажа како ефикасен механизам за одржување долгорочна стабилност и сигурност. Денеска изразуваме благодарност на Северна Македонија за придонесување за стабилноста во Југоисточна Европа и НАТО. Потпишувањето на заедничката декларација претставува не само значаен успех за Вооружените сили на Северна Македонија, туку и го потврдува јакнењето на Северна Македонија како доверлив и значаен партнер на Алијансата”, изјави Лавињ.

На потпишувањето, генерал-потполковник Ѓурчиновски, нагласи дека денеска успешно завршува интегративниот процес што практично ја отсликува напорната тридецениска работа како држава и како Армија.
„Сакам да нагласам дека целосната интеграција и трансформација на нашата држава е еден континуиран процес кој практично никогаш не завршува, туку напротив претставува постојано адаптирање на Армијата и нејзините внатрешни процеси кои водат до целосна интероперабилност со останатите членки на НАТО, а со цел успешно справување со современите предизвици со кои се соочуваме”, рече генералот Ѓурчиновски.
Претседателот Пендаровски, порача дека за нас, патот до полноправно членство во НАТО не беше лесен, но дека со активирањето на НАТО поканата за членство, како држава добивме поголема меѓународна видливост и дипломатски потенцијал за реализација на стратешките политички и економски интереси.

„Предвидливата иднина која ја обезбедува членството во НАТО е основа за продолжување и на демократските реформи во земјата што повратно влијае врз економскиот раст и повисокиот животен стандард на граѓаните. Во потесна воена смисла, имаме корист и од споделувањето на знаење генерирано од Сојузничката команда за трансформација, како и од проширените можности за испраќање кандидати за образование и обука во другите НАТО членки. Експертизата која ја добиваме од постарите членки е од суштинско значење за понатамошно трансформирање на нашиот безбедносен и одбранбен систем. Во тој контекст, благодарни сме им на САД, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Турција, како и на другите членки на Алијансата за билатералната соработка и помош“, изјави Пендаровски.
Тој, меѓу другото, истакна дека со потпишувањето на оваа декларација формално го завршуваме процесот на воена интеграција со што постигнавме значајни резултати за само една и пол година од членството и го потврдивме нашиот кредибилитет. Меѓутоа, нагласи тој, комплетирањето на овој процес претставува успех и за Алијансата во целина.
„Сето ова не значи и крај на поширокиот реформски процес, напротив ова значи дека мора да продолжиме и да ја унапредуваме демократијата и функционирањето на мултиетничкото општество и при тоа да ги почитуваме постигнатите билатерални и мултилатерални договори“, рече шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили.
Осврнувајќи се на состојбите во регионот, тој оцени дека присуството на НАТО е уште неопходно.
„Последниве години Северна Македонија низ учество во различни регионални иницијативи ја демонстрираше својата заложба за воспоставување и унапредување на взаемно корисни односи со сите земји во регионот. Продуцирањето на нови спорови во регионот покрај веќе постоечките состојби во Косово и во БиХ не нѝ е потребно. Јасно е дека ако назадува Северна Македонија ќе назадува и целиот регион, а ако назадува Западен Балкан ќе назадува и Европа за сметка на другите глобални актери. Сметам дека во сложениов регионален контекст е неопходно продолженото присуство на Алијансата во нашиот регион, бидејќи стабилноста во некои делови од Балканот е фрагилна, а некои прашања кои се од витално значење за регионалната безбедност со години стојат отворени“, порача претседателот Пендаровски.

Министерката за одбрана Шекеринска, по повод потпишувањето на Заедничката декларација, порача дека денеска сме на крајот на патот од илјада милји, започнат пред 30 години, но и дека започнуваме нов пат за целосна модернизација на Армијата.
„Покажеме дека нашето членство во НАТО не беше само политичка одлука, туку резултат на крупни реформи. Оваа цел успеавме да ја постигнеме за 19 месеци од потпишувањето и претставува најбрза воена интеграција во Алијансата“, изјави Шекеринска.






