четврток, 30 април 2026

Петровска: Моето разрешување е класична болшевичка одмазда

Објавено на

часот

Сподели

„Се разбира дека знам како функционира нашето општество, и знам дека партиите се алатка за да се остварат и добри цели, знам дека принципот е ‘партијата те постави, партијата те разрешува’, и разрешувањето не го сметам за нешто страшно, затоа што се враќам на старото работно место кое е поврзано со животната средина, но секако дека не ми е право што заигра таквата ‘метла’, кога зад себе имате позитивни резултати, а немате негативни критики од јавноста”, вели Петровска.

На прашањето дали досега имала забелешки за извршувањето на функцијата од Владата или конкретно од премиерот, Петровска вели дека не само што немало, туку и дека вчера имаше информација од Владата дека се задоволни од нејзините резултати и дека дури сметаат дека би било добро по локалните избори да координира некои процеси поврзани заштитата на животната средина.

Петровска нема намера самата да истапи од ДОМ, каде неодамна и беа одземени партиските функции откако „падна” во немилост на претседателката Маја Морачанин. Нејзината оценка дека во ДОМ на сцена е еден вид болшевичка политика ја поткрепува и со фактот, како што вели, дека партиски членови кои дале поддршка за иницијативата за вонреден партиски конгрес почнале да добиваат откази во институциите во кои работат.

„Не ми се верува дека вакво нешто може да се случува во 21 век во една зелена партија. Лично чувствувам задоволство затоа што во изминатите година дена е многу унапредена работата на Инспекторатот и затоа што со поинтензивното одење на терен и санцкионирање на оние кои не водат грижа за животната средина, дадовме придонес за добро на оваа наша земја”, вели Петровска.

Од Владата велат дека разрешувањето на Ана Петровска беше на барање на партијата ДОМ, во чија надлежност, согласно коалицискиот договор, е позицијата директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Со лидерката на ДОМ Маја Морачанин не успеавме да разговараме. Таа во изјава за 360 степени рече дека до партијата стигнувале „забелешки за раководењето со Инспекторатот, во однос на недоволна транспарентност и ажурност на институцијата, како и за нарушени меѓучовечки односи”.

Според Морачанин, добро е што Инспекторатот ги зголемил инспекциските надзори, но дека добра оценка не може да се даде особено во однос на санкционирање на големите загадувачи.

Инаку, иако не е најсоодветна споредбата, но сепак случајот со Петровска има сличности со случајот со разрешувањето на Стојко Пауновски од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат. Иако имаше одлични резултати во работењето и иако имаше поддршка од речиси сите вработени, како и од јавноста, тој беше разрешен поради неговиот пркос, како што тогаш се изрази премиерот. Пауновски одби да преземе во Инспекторатот луѓе од „рамковниот кадар”, оценувајќи дека му се потребни лица со соодветно образование и искуство, а не вработени кои ќе седат во канцеларија, а за кои ќе нема конкретни работни задачи. Тој остана доследен на својот став, вработените бараа да биде оставен на функцијата, но премиерот исто така остана на својот став дека владината и партиска хиерархија мора да се почитуваат.

Со други зборови, како што на почетокот од нашиот разговор кажа Петровска, партија те назначува, партија те разрешува. Работните резултати и оценките на јавноста се во втор план.

Функцијата на Петровска, директор на Државниот инспекторат за животна средина, ја наследи Сретен Стојковски, технолошки инжинер од областа Инженерство на животната средина, и магистер по животна средина, кадар на ДОМ, вработен во Mинистерството за животна средина.

Стојковски беше и советник во Секторот за ЕУ, со овластување и за работи во Секторот за локална самоуправа и управно надзорни работи.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ