среда, 6 мај 2026

Османи – Вархеји во Брисел: Без одлагање да се одржи првата меѓувладина конференција

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти МНР, на средбата се зборувало за наодите од овогодинешниот Извештај на Европската комисија, преку кој беше испратен силен и јасен сигнал дека кредибилноста на политиката на проширувањето останува да биде клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економски развој во цела Европа.

На средбата биле реафирмирани позитивните оценки на ЕК за земјата по однос на сите параметри, при што доаѓа и недвосмислениот повик кон земјите-членки, без натамошно одложување да се завршат дискусиите за одржување на првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи што е можно поскоро.

Според МНР, за време на средбата станало збор и за последните внатрешно-политички случувања во земјата, но и за напорите во надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Македонија, како приоритет да се одблокира нашиот пат кон ЕУ.

„Владата останува силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, со дополнителен импулс и проактивност во развојот на добрососедските односи, како клучна додадена вредност во развојот на регионалната стабилност. Политиката на проширување е најдобрата алатка за поттикнување на сложени реформи и демократско консолидирање, а нејзината трансформативна моќ се темели на условеноста и објективното вреднување на резултатите во процесот низ кои се одразуваат вредностите на ЕУ”, изјавил Османи.

Вархеји од своја страна информирал за напорите на Европската комисија за обнова на европскиот моментум во регионот, но и за имплементацијата на Економско инвестицискиот план што претставува силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, унапредена регионална соработка и засилени конекции со ЕУ.

Османи во текот на денот ќе се сретне и со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ, со Илхан Кјучук, известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент како и со советниците за надворешна политика на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и на претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

 
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ