Во гостувањето во „Утрински брифинг” Битиќи говореше и за оставката на Зоран Заев и рече дека Централниот одбор на СДСМ само побарал да се одложи одлуката за оставката.
„Оставката е висок демократски чин и во нормални земји тоа би го сфатиле како начин да се преиспита зошто не оделе работи. Кај нас тоа се сфаќа предраматично. Ја ценам неговата одлука за оставка, но и ставот да се одложи”, рече Битиќи.
Тој додаде дека кај нас се поврзуваат позициите на претседател на партијата со претседател на Владата.
„Во нашето општество скоро е невозможно да имате премиер различен од претседател на носечката партија освен ако нема техничка или експертска влада. Сега следува консолидација на партијата и понатаму нов мандатар за нова влада. Сметам дека наскоро ќе добиеме ‘Заев 3’ влада, повторно влада предводена од Заев со тоа што ќе се сменат шест-седум министри. Мислам дека тој ни треба за да продолжат некои процеси”, рече Битиќи.
Реконструкцијата на владата, како што кажа, е добра и треба да има одредена промена на кадрите.
Според Битиќи, нова влада или реконструкција на Владата подразбира преговори меѓу коалициските партнери кои може да бидат комплицирани за распределба на нови ресори.
„Реконструкцијата на владата е добра и сметам дека ќе треба да има одредена промена на кадрите. Јас сум целосно ослободен од тоа дали ќе бидам на новата листа. Сметам дека резултатите го дефинираат тоа кој ќе остане, а кој ќе замине. Сите треба да преиспитаме зошто сме изгубиле. Сите во владејачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен. Секој разумен политичар ќе се преиспита после ова. Одлуката на ДУИ е нивна одлука, но не е штета за владеењето ако има нови кадри оти тие носат нови решенија”, вели Битиќи.
Одговарајќи на прашање за усвојувањето на буџетот, Битиќи рече дека не ги видел сите поднесени амандмани, но, како што додаде, една од клучните разлики во владеењата е дека СДСМ прифаќа амандмани на опозицијата, додека претходно тоа било „научна фантастика”.






