„Ако се остават на страна дипломатската афера од Ерменија, како и преголемата потрошувачка на акцизна стока во некои ДКП-а, најголемиот суштински пропуст на македонската дипломатија е што подолго од три години нема амбасадор во Вашингтон. Во време кога неколку министри нивното лошо работење го спинуваат со изјави за тоа колку веруваат во САД, најважната дипломатска позиција преку Атлантикот е празна како трафостаница на ЕЛЕМ“, вели Милошоски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ потоа ќе забележи дека политичката криза создаде адекаватен лик за амбасадор во Вашинтон:
„Пост-изборната политичка криза, во која премиерот го загуби легитимитетот, од друга страна испрофилира нов лик кој моментално има најсилен легитимитет за амбасадор во Вашингтон. Тоа е Кастриот Реџепи. Бидејќи според Кастриот срцето веќе му било акредитирано во Вашингтон, тој би бил одличен избор за позицијата амбасадор во САД, како сериозна замена за промашениот анти-западен избор Фрчкоски, кого Заев го сака, но Америка не го сака“.

Понатаму, Милошоски ќе додаде дека по ФБ статусот “Гад блес Америка” сигурно и Бујар Османи, и претседателот Стево Пендаровски сега се убедени дека Кастриот е подобар кандидат за Вашингтон и од Шеќеринска, и од Теута Арифи.
„Кастриот докажа дека е човек што знае да пресече, знае дискретно да исчезне, да се вклучи лајфстрим на ФБ од тајна локација, а тоа се вештини што многу ќе му користат во дипломатијата“, пишува Милошоски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ во своето иронично обраќање до јавноста вели дека Македонија освен што е хендикепирана подолго од три години без амбасадор во Вашингтон, дека без прв дипломат и натаму се амбасадите во Белгија, Израел, Турција, Србија, Бугарија, Кина, Канада, Бразил и Египет.
Но, затоа МНР во меѓувреме барем набави 15 електрични тротинети за проектот “зелена дипломатија”, завршува Милошоски во својот денешен Фејсбук статус.






