среда, 6 мај 2026

Мицкоски верува дека ЕУ ќе се спротивстави на бугарските хегемонистички барања

Објавено на

часот

Сподели

„Јас сум оптимист за декември и сакам да се случи датумот, овој народ го заслужува тој почеток на преговори. Не е прашањето дали вицепремиерот Димитров ќе ги брои неделите или месеците кога ќе се случи тој датум. Во Брисел треба се состане Европскиот совет, да заборави на уцените кои доаѓаат од кај нашиот источен сосед, и иднината која што треба заеднички да ја градиме во Европа да ја градиме, а не да се враќаме два века наназад“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека бугарските барања немаат ништо заедничко со европските вредности и верува дека сите земји членки на ЕУ овој пат, како што рече, ќе ја вразумат Бугарија и ќе ги дејствуваат согласно вредностите кои ги имаат промовирано Аденауер, Шуман и де Гаспери.

„Тоа се вредности на обединета и подеднакво развиена Европа. Ќе застанат на патот на овие хегемонистички барања на нашиот источен сосед и на овој народ во срцето на Балканот ќе му дадат можност да преговара и да може еден ден да седне на иста маса со нив и да ги дели тие исти вредности. Тоа што ние го бараме е да нѝ се почитува правото да можеме да преговараме и да бидеме дел од унијата затоа што ги споделуваме тие исти вредности“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека барањето за предвремени парламентарни избори не е поврзано со датумот за преговори.

Во врска со енергетската криза Мицкоски оцени дека мора да има одговорност поради дополнителните проблеми со РЕК Битола и ХЕЦ „Вруток“.

„РЕК Битола е во катастрофална ситуација зашто работи еден блок. Тоа што вчера се случи во ХЕЦ Вруток, ЕЛЕМ го правдаат дека откажал осигурувачот од мрежата поради, претпоставувам, зголемен напон, или пак поради зголемена потрошувачка. Но и тоа е ненормална, нестационарна појава. Ние велиме, штом тоа се случува треба да се открие причината. Ако откаже и единствениот хидропотенцијал кој што колку – толку има вода, тогаш ние навистина ќе останеме без ниту еден производствен функционален капацитет. За жал полни се џебовите од ‘фамилијата’ на власт од украдените тендери, а цената ќе ја плаќа народот“, нагласи Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ