
Според Мицкоски, „Отворен Балкан” не треба да биде замена за ЕУ, туку иницијатива што може да помогне во полесна комуникација на регионот и лидерите треба да се фокусираат на точките кои поврзуваат, а не на тие кои разединуваат.
„Да инвестираме во доверба и блиски контакти за да овозможиме регионот да се развива, да учествуваме во заеднички инфраструктурни проекти, но и во почеста комуникација. Потребна е мудрост и разум, да не се произведуваат нетрпеливости, туку да произведуваме добра енергија. Бараме почит, но и даваме почит. Да ги затвориме неславните поглавја од нашата историја и да ги потенцираме точките на пријателство. И тука постои огромен потенцијал за работа. Ние мораме да ја завршиме таа работа, тоа е наша задача, а не на Европската Унија“, оценува Мицкоски.
Осврнувајќи се бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ, Мицкоски вели дека не очекува чуда, но оти очекува од секоја Влада на земјава да се грижи за стратешките интереси на државата и да го почитува она што беше изгласано од мнозинството пратеници во Собранието во Резолуцијата која ги штити и отсликува македонските црвени линии.
Во однос на неуспешниот обид на Владата на Заев да ѝ се изгласа недоверба Мицкоски вели дека не станува збор за лоша проценка.
„Уште од почетокот знаев дека шансите се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени, но сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи Владата. Ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики, но се обединуваме во заложбата за промени и носење на нова иднина“, рече Мицкоски.






