„Започнавме внатрешна дебата во партијата. Ќе видиме какво е расположението“, одговори кусо Гаши на прашањето на МКД.мк дали позитивно ќе одговори на поканата од премиерот Заев за средба и какво е расположението во врвот на Алтернатива за влез во Владата, зашто на средбата бездруго Заев за цел би имал проширување на владејачкото мнозинство со четворица пратеници од партијата на Гаши и за влез на Алтернатива во Владата од која излезе Беса.
Гаши беше воздржан да ги коментира случувањата на политичката сцена кои се одвиваат деновиве по неуспешниот обид за гласање недоверба на кабинетот на Заев.
Лидерот на Алтернатива Гаши деновиве рече дека сега е најважно да се види каков концепт имаат политичките партии за развој на натамошните процеси во државата имајќи предвид дека станува збор за посеопфатна криза. Тој повеќепати нагласи дека за разлика од некои други партии во Алтернатива поединци не ги носат одлуките, туку за секое прашање се води внатрешна дебата и заеднички се градат ставови.
Уште пред десетина дена МКД.мк пишуваше дека СДСМ настојува да ја придобие Алтернатива како владин партнер, а Гаши изјави дека се „анализираат актуелностите на политичката сцена“ и дека разните гласини се обид да се изврши притисок врз партијата.
Алтернатива на локалните избори настапи во коалиција со Алијанса за Албанците, но и со вземна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ во одредени општини. Партијата не е задоволна од резултатот од изборите, но се придружи на иницијативата за гласање недоверба на Владата која пропадна поради отсуството на пратеникот Кастриот Реџепи од Беса.
И кога беше постигнат договорот за иницијативата за гласање недоверба на Владата, Гаши беше резервиран по прашањето дали Алтернатива ќе биде дел од нова влада составена од потписниците на иницијативата, нагласувајќи дека партијата во прв план ги има интересите на државата кои значат натамошен евроатлански пат.
П.Џ.






