„На овие избори има само две страни. Од една страна се граѓаните на Чаир, народот кој чесно работи, скромно живее и ја сака својата општина, а од другата се оние кои ја узурпираа за лични интереси, ја користеа за сопствено богатење и со години нудат празни ветувања“, изјави Османи на денешната, последна прес-конференција пред завршувањето на кампањата.
Тој порача дека по 19 октомври на Чаир ќе му се случат „промени какви што граѓаните секојдневно ги бараат“, нагласувајќи дека не се работи за далечни ветувања, туку за конкретни обврски кои ќе почне да ги реализира веднаш по преземањето на функцијата.
„Ова не се ветувања за некоја иднина, ова се конкретни обврски кои ги преземам доколку ми ја доверите довербата. Но ова не е само битка за подобра општина, ова е битка за достоинството на граѓаните“, рече Османи.
Во своето обраќање, тој предупреди и на политичките процеси што, според него, го загрозуваат европскиот курс на државата.
„Денес гледаме како ‘српскиот свет’ продира во државата, како нашата заедница се турка на маргините и како европскиот сон се оддалечува. Чаир не смее да стане симбол на пораз, туку мора да биде бастион на достоинството“, нагласи Османи.
Тој додаде дека гласањето во недела има значење што оди подалеку од локалните избори.
„Вашиот глас е повеќе од локален избор. Тој е порака дека граѓаните стојат исправени, дека нема назадување, дека Чаир е срцето на нашата сила и нашата гордост“, рече Османи.
Во завршницата, Османи се осврна на својот противкандидат, посочувајќи дека граѓаните имаат избор меѓу „минатото и иднината“.
„Мојот противник имаше 20 години и што добивме? Урбан хаос, дивоградби и стагнација. Ако за 20 години не донесе ред, нема да донесе ниту за 4. Чаир треба да ја отвори вратата кон иднината“, порача тој.
Османи ја заврши прес-конференцијата со апел до граѓаните да излезат на изборите.






