Во изјава за МКД.мк Д-р Бојаџиева која е раководител на Катедрата за педијатрија од пред неколку месеци, вели дека настанот кој е наменет за да им се помогне на сите дечиња кои имаат потреба од крв, не треба да почне и да заврши во среда, туку треба да стане пракса на сите катедри при Медицинскиот факултет бидејќи на овој начин со хуманост и заедничка акција се спасуваат животи.
На настанот е повикана и д-р Соња Топузовска, декан на Медицинскиот факултет.
„Катедрата за педијатрија и Универзитетската клиника за Детски болести организираат крводарителска акција. Тоа е висок чин на хуманост и алтруизам на здравствените работници кои се одговорни за здравјето на нашите најмили за нашите деца. Заедно со Клиниката за детски болести дојдовме до идеја дека може да направиме ваков вид на акција. Катедрата за педијатрија е место каде се изведува едукација на студенти и специјализанти, односно тело кое врши едукација на медицина, висока школа на медицински сестри, физиотерапевти, стоматолози по предметот педијатрија. На овој начин ги повикуваме сите вклучени во овој процес, но не само здравствените работници. Во оваа акција на дарување на крв може да се вклучат и сите хумани граѓани кои сакаат да даруваат крв и да помогнат за потребите на дечињата кои имаат потреба од тоа”, вели доктор Бојаџиева.
Ова нота на хуманост која започнува со иницијатива може да прерасне во пракса и на тој начин никој од дечињата нема да треба да чека крв тогаш кога му треба. Капка крв за некого е можеби само чин, но за оној на кого му е потребна значи живот, вели докторката и додава дека преку ваков вид на акции треба да ја подигнеме свеста во општеството дека дарувањето крв спасува животи.
„Треба да ја подигнеме свеста во општеството и ние како лекари да сме иницијатори на една ваква акција. Како педијатри, секојдневно се соочуваме со тешки случаи кога на дечиња има е потребно да примаат крв. Затоа да бидеме хумани и да даруваме крв. Ова е повик за лекарите, но и отворен повик и за граѓаните. Акцијата ќе започне во среда од 9 до 14 во амфитеатарот на Катедрата за педијатрија при Клиника за детски болести. Ќе има просторија за прегледи, по што на секој кој што сака да дарува крв ќе му биде посочено дали може тоа да го стори. Да обезбедиме крв за секое детенце на кое му треба и да не дозволиме тие да чекаат”, додава д-р Бојаџиева.
К.Д.






