
„Некои училишта прават бизнис од јавното образование кое според законот е бесплатно. Бараме ДПИ јавно да ги објави извештатите за направените инспекции во четирите училишта. Ги поздравивме инпекциите, но сакаме да ја знаеме методологијата, како е дојдено до заклучоците. ДПИ го контактиравме на 14 јуни, но до денес немаме одговор. Сметаме дека извештатите по ова прашање треба да бидат јавни”, рече новиот лидер на средношколскиот сојуз Лука Павиќевиќ на денешната прес-конференција што се одржа пред Министерството за образование и наука.
Павичевиќ директно им се обрати на четирите училишта.
„Ние знаеме кои сте, и вие тоа го знаете. Вратете им ги парите кај учениците зошто само така може да го решите овој проблем. Срамно е да се наплаќаат сведителства особено во училишна година целосно одржана преку неквалитетна онлајн настава со професори кои беа слабо обучени или воопшто не беа”, истакна тој.
Според Сојузот, учениците годинава не само што немаа задоволство од физичка настава и другарување, туку сега, поради неиздавањето на свидетелствата, немаат можност да се гордеат со своите оценки во свидетелствата кои, како што нагласи Павичевиќ, од необјасниви причини не се обезбедени.
Сојузот на средношколци уште на 12 јуни соопшти дека се повторува проблемот од минатата година и оти добива поплаки од средношколци од повеќе градови во земјава дека нивните средни училишта наплаќаат такси за издавање свидетелства. Тогаш информираа дека Средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека Економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. Исто така, и скопската гимназија „Зеф Љуш Марку” им наплаќа на своите ученици 100 денари за свидетелство, наведува Сојузот, а гимназијата „Мирче Ацев” во Прилеп 30 денари од ученик.






