„Епидемилошката слика е прилично стабилна и попуштањето на мерките се должи на олабавувањето, генерално на сите мерки. Нашиот став е да се оди во тој правец, согласно емидемиолошката состојба“, рече Филипче.
Тој потенцира дека е многу важна свеста на граѓаните и почитувањето на мерките кои беа на сила, оценувајќи дека сите научивме да живееме со мерките кои ги препорачува Владата и Комисијата за заразни болести.
Министерот истакна дека во процесот на имунизација се вклучени и центрите за масовна вакцинација, односно спортските сали и здравствените домови.
Тој потенцира дека вакцините се безбедни и одобрени од Агенцијата за лекови.
„Вчера се покрена едно прашање околу документацијата и дозволите. Граѓаните треба да бидат спокојни и не постои шанса да се пушти кој било лек во промет, вклучувајќи и вакцина, доколку за тоа одобрение не даде Агенцијата за лекови. Ние аплицираме со соодветната документација која што е потребна и за увоз на лекот, а таа стигнува и пред да стигнат вакцините во Агенцијата за лекови, така што станува збор за административен процес“, изјави Филипче.
Министерот истакна дека започнале да излегуваат препораки и публикации за потреба од трета доза од вакцината против коронавирусот, но нагласи дека се уште нема цврст и јасен став околу тоа прашање.
„Никој не може за сигурно да каже каква ќе биде иднината во однос на вакцинацијата. Дали овие две дози ќе бидат доволни или можеби ќе биде потребна трета доза и сега се поставува прашањето дали од истиот производител или различен или трето сценарио, оваа вакцина да прерасне во форма на сезонска вакцина“, додаде Филипче.
Министерот информира дека теренската вакцинација е веќе започната во градовите каде што има лица кои се тешко подвижни, во помалите места, а од следната недела се очекува да биде спроведена поинтензивно.






