Според податоците од Министерството, во државата вкупно се аплицирани 458.131 дози вакцини, а ревакцинирани се 195.048 граѓани.
„Со последните бројки 48 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 36 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Вакцинацијата, како што додаваат оттаму, се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 452.093 граѓани.
Вакцинацијата, како што посочуваат од Министерството за здравство, се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.






