„Оваа активност претставува значаен придонес кон зачувувањето и унапредувањето на рибниот фонд, како и кон одржливото управување со природните ресурси во паркот“, наведуваат од НП „Маврово“.

Оттаму посочуваат дека ново порибување се реализира во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое ќе се одржи на Мавровското Езеро, а целта е да се збогати рибниот фонд и обезбедување подобри услови за развој на спортскиот риболов.
Од управата на НП „Маврово“ ги потсетуваат сите спортски риболовци дека крапот е под временска забрана за спортски риболов до завршувањето на Светското првенство.
„Апелираме до сите посетители да ги почитуваат донесените мерки, додека Службата за заштита на природата која работи во рамките на паркот спроведува засилени контроли на терен“, информираат од НП „Маврово“.

Од Национален парк „Маврово“ искажаа благодарност до ЕДС за општествено одговорниот пристап и поддршката во зачувувањето на природното богатство на Мавровското Езеро.
Во две акции, пролетва, езерото беше порибено со над 4 тона крап.
Светското првенство во лов на крап на Мавровско Езеро – септември 2026 е еден од најголемите спортско-риболовни настани што некогаш ќе се одржат во Македонија. Според најавите првенството треба да се одржи од 2 до 5 септември.





