вторник, 14 април 2026

Министерството за правда утре ќе ги побара сите судски предмети за Никола Груевски

Министерството за правда соопшти дека во текот на утрешниот ден ќе достави барање до надлежните судови и обвинителства за прибирање на сите списи поврзани со предметите за поранешниот премиер Никола Груевски и откако ќе ги добие потребните документи ќе постапи согласно позитивните законски прописи.

Објавено на

часот

Сподели

Оттаму потсетуваат дека за Груевски било поднесено едно барање за екстрадиција во 2018 година, како и негово дополнување во 2019 година, но истото било одбиено од унгарските власти поради одобрен азил.

„Екстрадицијата беше побарана за сите предмети за кои постоеја сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите случаи за кои е распишана потерница“, наведуваат Министерството за правда.

Како што дополнуваат, Република Унгарија го одбила барањето за екстрадиција на 5 август 2019 година, со образложение дека на Никола Груевски му е одобрен азил, согласно нивното законодавство, кое не дозволува предавање на лице кое ужива таков статус на државата од која избегало.

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска потсети на правосилната пресуда за поранешниот премиер, со која е упатен на издржување затворска казна, а дали ќе се врати и кога ќе се врати, рече дека нема такви очекувања.

„Јас немам никакви очекувања, но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и веднаш по неговото појавување во државата, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на издржување затворска казна, која е во согласност со правосилна одлука. Нормално, секое лице има право да ги користи институциите и своите права да поднесува потоа жалби. Но, ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда, со која лицето е упатено на издржување затворска казна, а дали ќе се врати и кога ќе се врати, немам такви очекувања“, изјави Мицкоски.

Прашањето за екстрадицијата на Груевски се актуелизира по победата на Петар Маѓар за премиер на Унгарија кој најави дека нема да обезбедува засолништа за лица барани од правосудни органи во други земји. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ