Средствата за сервисирање на оваа обврска, како што информира Министерството за финансии, се обезбедени преку издавањето еврообврзница во текот на јануари 2026 година. Еден дел, односно 383,7 милиони евра биле предвремено исплатени во февруари 2026 година, додека останатиот дел од eврообврзницата кон имателите коишто не прифатиле предвремена исплата во февруари, е исплатен денеска.
„Со исплата во износ од 327,9 милиони евра комплетно ја исплативме eврообврзницата од 700 милиони евра, издадена во 2020 година. Таа е дел од обврските што како Министерство за финансии редовно и навремено ги сервисираме. Во втората половина од 2024 година, откако ја презедовме власта, исплативме обврски во износ од 786 милиони евра. Во текот на 2025 година исплатени се 2,198 милијарди евра и во текот на 2026 година 1,571 милијарди евра, што во вкупен износ за целиот овој период изнесува 4,556 милијарди евра“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според Министерството, одлуката за предвремена отплата на еврообврзницата донела заштеди во Буџетот од 3,2 милиони евра.
„Ваквата определба за прудентно управување со јавниот долг ќе продолжи и во наредниот период преку финансирање на потребите на државата навремено и со најнизок можен трошок“, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.






