До 30 јуни Македонија треба да усвои неколку закони од областа на правосудството, енергетиката, образованието и јавната администрација. Сите овие закони се во процедура, се чека на мислењето од Европската комисија, по што би влегле во собраниска процедура. Поголемиот дел од нив се законски проекти со европско знаменце, па не се очекуваат некои поголеми проблеми во спроведувањето на собраниската процедура. Се работи за измените во законските одредби за Советот на јавните обвинители, за Судскиот совет, доекипирањето на судовите, за соработката меѓу Судскиот совет и МВР, за либерализација на пазарот за струја, промена во некои закони согласно европската регулатива…
Брисел предупредува дека застојот во клучните области како владеење на правото, борба против корупцијата и јавната администрација може да влијае врз исплатата на средствата од Планот за раст. Ние не сме на таа листа, велат од МЕП.
Во моментов од вкупно 21 доставен реформски чекор, македонските институции очекуваат позитивна оценка за 16, што би овозможило ослободување на околу 70 милиони евра финансиска поддршка.
„Сметам дека посветено работиме на спроведување на Реформската агенда и тоа што се бара од нас како држава. Координацијата ја води лично премиерот Христијан Мицкоски и редовните состаноци посветени на работата на Реформската агенда само покажуваат дека институциите заеднички се справуваат со предизвиците на исполнување на истите. Имаме напредок во клучните области како управување со јавни финансии, енергетска транзиција, човечки капитал и деловна средина, кои придонесуваат за подобро управување и усогласување со ЕУ стандардите. Истовремено остануваат предизвици, особено во делот на сложените законски реформи и чекорите во рамки на грејс периодот, но она што е позитивно е дека ги зајакнуваме отчетноста и транспарентноста. Народот тоа го препознава, но и европските институции дека Македонија посветено работи на реформи и на обврските преземени со Реформската агенда“, изјави за МКД.мк Викторија Трајков, заменик министерка во Министерство за европски прашања.
Македонските власти до крајот на јуни очекуваат позџитивни оценки и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите за интеграцијата во ЕУ.
Планот за раст за Западен Балкан предвидува шест милијарди евра за шесте земји од регионот.
А.Д.






