понеделник, 23 јуни 2025

Марш на ангелите во Кочани: Правда, ама не селктивна!

Семејствата на загинатите во пожарот на дискотеката Пулс во Кочани на вчерашниот деветти Марш за ангелите на институциите им порачаа дека во изминативе неколку недели овие институции им ја потрошија и последната тронка надеж и доверба.

Објавено на

часот

Сподели

„Овие институции одново ги убија нашите деца, одново ја убија надежта во нас дека оваа трагедија ако ништо друго ќе биде  барем лекција за во иднина и никогаш вакво нешто нема да се повтори. Полицијата и Обвинителството ни должат одговор зошто никој не одговара за затворената врата во дискотеката Пулс! Кој ја даде и ја спроведе ваквата наредба и колку животи се загубени од ваквата постапка на полицијата“, праша една од мајките пред зградата на Полициската станица во Кочани.

Присутните побараа одговори од Министерството за внатрешни работи и за потеклото на пиротехниката, по чија употреба е предизвикан пожарот во дискотеката во која животите ги загубија 63 млади луѓе.

„Го прашуваме јавно Тошковски и Коцевски каде е одговорноста на Државниот пазарен инспекторат, кој врши инспекциски надзор над примената на законите во угостителството? Како е можно овој инспекторат да не увиди дека трговското друштво кое раководи со дискотеката таа кобна вечер работи спротивно на сите можни закони и процедури“, праша една од мајките чие дете животото го загуби во дискотеката Пулс.

Тие пред Општината, судот и полициската станица на институциите им порачаа и дека повеќе нема да молчат и нема да се откажат од борбата за правда.

Семејствата во своите говори пред институциите посочија дека нема да застанат додека неселективно сите виновници не одговараат.

„Сите институции, правни и физички лица, кои предизвикале дејствие со нивното несовесно и незаконско работење од 16 март, одејќи наназад до 2012 година кога дискотеката почнува да функционира, ќе одговараат! А пропусти што довеле до ова имало секоја година. Секоја година се пропуштале да се преземат одредени дејства и зато се случи ова масовно убиство“, истакна една од мајките на загинатите децата во Пулс.

Со семејствата на загинатите млади луѓе протестираше и семејството на Ѓоко Ѓеоргиевски, тапанарот на групата ДНК. Неговиот татко со болка и голема лутина им се обраќаше на надлежните институции бидејќи не е задоволен ниту од истрагата, ниту пак од институциите. Родителите на загинатите истакнаа дека веќе нема тишина и правда ќе бараат, но неселективна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ