Процесот ќе зависи од тоа колку брзо земјите ќе ги усогласат своите телекомуникациски правила со европското законодавство. Преговорите ќе се водат со Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Укинувањето на роамингот за Западен Балкан ќе биде една од темите на самитот на ЕУ во Тиват, Црна Гора, закажан за 5 јуни 2026 година.
Брисел неофицијално проценува дека првите резултати би можеле да се видат околу 2027 година, доколку преговорите и техничките усогласувања се одвиваат без поголеми пречки. Ова значи усогласување на националните регулативи со стандардите на ЕУ, склучување на билатерални договори со Европската комисија, техничка подготвеност на локалните телекомуникациски оператори за примена на новите правила.
Веќе е во тек и постепено намалување на цените на роаминг услугите меѓу ЕУ и Западен Балкан, кое започна во 2023 година, со јасна временска рамка за понатамошно намалување на трошоците за мобилни податоци. Оваа иницијатива е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел постепена интеграција на регионот во единствениот европски пазар пред формалното членство.
Македонија ќе биде првата земја во регионот која ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во ЕУ, најави неодамна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
„За роамингот ветив – ќе бидеме прва држава која ќе ги исполни задачите. Тоа значи нема да плаќаме дополнително кога сме во ЕУ. Балканскиот модел на роаминг сакаме да го пресликаме и за ЕУ. Ние ја завршивме својата работа, го испративме текстот до ЕУ за мислење и ќе го изгласаме во Собранието“, изјави Андоновски.






