Меѓу земјите на ЕУ, Хрватска и Словенија регистрирале највисоки соодноси, со 43,3 и 40,2 судии на 100.000 луѓе. Следат Луксембург (36), Бугарија (35,4) и Романија (35,3). Од друга страна, најмалку имале Ирска со 3,6 судии на 100.000 луѓе, по што следат Австрија (4,3), Шпанија (6,2), Чешка (6,7) и Италија (7,9).
Во регионот најмногу судии на 100 илјади жители има Црна Гора – 42,49; потоа следи Србија со 40,18; Бугарија – 35,37; Грција – 26,06; Македонија – 20,15 и Турција – 16,66. За Албанија и Косово нема податок за 2024 година. За Албанија последниот податок е за 2023 кога имала 8,87 судии на 100 илјади жители, додека за Косово е од 2019 година кога има 23,33 судии на 100 илјади жители.
Во повеќето земји од ЕУ, жените професионални судии се позастапени. Само во Ирска уделот на машки судии (56,4%) е поголем од бројот на жени судии (43,6%). Во Словенија, судијките претставуваат 81,4% од сите професионални судии (694 жени наспроти 159 мажи), што е највисок удел меѓу земјите од ЕУ, а веднаш по нив следува Латвија со 79,7% жени судии (408 наспроти 104). Судството во Германија е речиси рамномерно поделено, при што судијките претставуваат 50,7% од сите професионални судии (11.139 наспроти 10. 813).
Во Македонија речиси две третини од професионалните судии се жени (61,4%) во 2024 година. Во регионот највисок процент на жени судијки има Грција (75,5%), потоа следи Србија (73%), Босна и Херцеговина (64,8%), Бугарија (64,4%), Црна Гора (63,3%) и Албанија (55%).
Професионален судија, според дефиницијата на Евростат, се вработени официјални правни професионалци (со полно или скратено работно време) овластени да слушаат граѓански, кривични и други случаи, вклучително и во апелациони судови, и да донесуваат одлуки во суд, кои се регрутирани и се платени за да работат како судии. Оваа категорија ги исклучува непрофесионалните судии, како што се судиите-поротници и магистратите-поротници.





