среда, 20 мај 2026

Европската комисија ѝ додели 65,7 милиони евра на Македонија во рамките на Планот за раст за Западен Балкан

Европската комисија денеска стави на располагање 49 милиони евра за Албанија, 44,2 милиони евра за Црна Гора и 65,7 милиони евра за Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст.

Објавено на

часот

Сподели

Ова следува по третото барање за исплата и позитивната оценка на Комисијата за спроведените реформски чекори во областите на деловната конкурентност и иновациите во Албанија и Црна Гора, како и образованието и дигитализацијата во Македонија.

Со денешната исплата, вкупниот износ ставен на располагање во рамките на овој инструмент достигна 212,8 милиони евра за Албанија, 89,3 милиони евра за Црна Гора и 142,1 милиони евра за Македонија.

Во Македонија, реформите што ги оцени Комисијата вклучуваат мерки за подобрување на финансирањето на основното и средното образование, како и мерки за проширување на пристапот до дигиталната инфраструктура и информатичката опрема во училиштата.

Од 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека преостанатите средства ќе бидат ставени на располагање за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Во Албанија, реформите што ги оцени Комисијата вклучуваат мерки за подобрување на деловното опкружување, олеснување на инвестициите и иновациите и проширување на пристапот до финансии, вклучително и за стартапи и компании активни во зелените и дигиталните сектори. Од исплатените 49 милиони евра, 22,8 милиони евра ќе бидат префрлени во државниот буџет, додека преостанатите средства ќе бидат ставени на располагање за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, согласно со применливите процедури за одобрување.

Во Црна Гора, Комисијата ги оцени реформите во областа на истражувањето и иновациите, вклучително и поддршката за научници, компании и истражувачки институции, како и натамошното зајакнување на националниот иновациски екосистем. Од исплатените 44,2 милиони евра, 20,6 милиони евра ќе бидат префрлени во државниот буџет, додека преостанатите средства ќе бидат ставени на располагање за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Средствата наменети за оваа рамка, по одобрувањето од нејзиниот управен одбор, ќе поддржат инфраструктурни проекти во одржлив транспорт, чиста енергија, дигитален развој и развој на човечки капитал.

Планот за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има цел земјите од регионот да добијат дел од придобивките од членството уште пред пристапувањето во Европската Унија.

Планот е поддржан со Инструментот за реформи и раст, чиј вкупен финансиски пакет изнесува 6 милијарди евра.

На секои шест месеци, земјите партнери поднесуваат извештаи за напредокот на реформите спроведени со поддршка од инструментот.

Најновата исплата се однесува на третото полугодишно известување, кое ги опфаќа реформите спроведени до крајот на декември 2025 година.

Вкупното финансирање исплатено преку овој инструмент од 2024 година досега изнесува 673,6 милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ