среда, 15 април 2026

Стечајците што ги исполнуваат условите за паричен надомест во рок од 30 дена да се пријават во Агенцијата за вработување

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, Законот за стечајци кој минатата недела едногласно беше усвоен во Собранието, овозможува околу 1.100 стечајци да добиваат паричен надоместок од 9.242 денари до денот на пензионирањето или 34% од просечно исплатената месечна нето плата по работник во државата за претходната година.

Со овој закон материјално ќе се обезбедат лицата кои имале најмалку 14 години работен однос во претпријатијата со доминантна сопственост на државата, кои на денот на поднесување на барањето се на возраст од најмалку 52 години (жени) и 55 години (мажи), на кои работниот однос им престанал заклучно со 31 декември 2020 кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и кои од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, не биле во работен однос.

Со новиот закон се овозможува материјално обезбедување на лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај ликвидација или технолошки вишок, во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација, доколку не го промениле единствениот матичен број на субјектот, а во случај на промена истите да произлегуваат од претпријатието со доминантна сопственост на државата, во периодот од 1 јануари 1993 до 31 декември 2020 година.

Инаку, со последните измени на Законот за стечајци, од 2017 година до денес решен е статусот на околу 13.000 стечајци.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ