Студиите велат дека во случај на сообраќајна незгода најподложни на повреди се главата, нозете и рацете на возачот на мотоцикл. Согласно тоа, од исклучителна важност е носењето на заштитна опрема како што се: кациги, заштитни пантолони, јакни, обувки, ракавици, очила и друго.
Носењето на заштитна опрема и облека, не само што штити и спречува телесни повреди, туку и служи да ги засолни мотоциклистите од надворешни влијанија, како што се: силна сончева светлина, ветрови, дождови, или пак инсекти и ситни камења исфрлени во воздухот од тркалата на други возачи непосредно пред нив. Заштитната опрема, честопати е и рефлектирачка, што ја зголемува видливоста на мотоциклистот кај другите учесници во сообраќајот со што дополнително се намалува ризикот од сообраќајна незгода.

Во летните денови, заради погодната надворешна температура, расте и популарноста на мотоциклите и мопедите кај возачите. Чувството на слобода и адреналинот кои произлегуваат од возењето мотоцикл, како и олеснетото движење низ сообраќајот, е она што најмногу ги привлекува возачите на мотоцикли. Но, истовремено, кај некои мотоциклисти, високите температури создаваат и одбивност за користење на заштитна опрема затоа што заштитната опрема може да создава чувство на задушливост, особено во летните денови кога температурите се енормно високи. Притоа, секој мотоциклист треба да се запраша дали оваа мала и краткотрајна непријатност е доволно причина за да го ризикува својот живот, а и животите на оние околу него.






