петок, 5 јуни 2026

ДУИ две децении не го донесе Законот за правична и соодветна застапеност, велат од Влен

Влен ја обвини ДУИ дека повеќе од две децении не успеала да донесе Закон за правична и соодветна застапеност и оцени дека вчерашните реакции на партијата се обид да се прикрие сопствениот неуспех.

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција, Шабан Ајллајбегу изјави дека за првпат правичната и соодветна застапеност добива законско решение, посочувајќи дека со тоа се реализира обврска што, според него, останала нерешена 25 години по Охридскиот рамковен договор.

„Правичната застапеност и вработувањето на Албанците во јавниот сектор повеќе нема да бидат предмет на политички пазарења или партиски желби, туку законска обврска“, рече Ајллајбегу.

Тој нагласи дека Влен побарал законот да биде донесен со Бадентерово мнозинство, бидејќи, како што рече, станува збор за прашање што ги засега Албанците, другите заедници и мултиетничкиот карактер на државата.

Од Влен сметаат дека ДУИ нема кредибилитет да ја критикува постапката за донесување на законот, бидејќи, како што велат, додека биле на власт не презеле конкретни чекори за негово усвојување.

„Тие за 25 години не го направија, а ние го правиме за 25 месеци“, изјави Ајллајбегу.

Тој ја повика ДУИ јасно да се изјасни дали го поддржува законското решение за правична и соодветна застапеност.

Според Влен, правичната и соодветна застапеност не треба да биде предмет на политички пресметки, туку да се гарантира преку законски механизми и институционална одговорност.

Од партијата порачаа дека правичната и соодветна застапеност е уставно право и принцип утврден со Охридскиот рамковен договор, а дека актуелното законско решение конечно го претвора тој принцип во законска обврска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ