„Ние не сакаме да ги практикуваме методите од минатото и да вршиме политички притисоци врз судството и обвинителството. Нашата определба е институциите да бидат независни, професионални и да работат исклучиво согласно законите и интересите на граѓаните. Потребно е време за да се демонтира систем кој со години бил поставуван на погрешни основи, но важно е што процесот е започнат и што постои јасна политичка волја за вистински промени“, истакна Димитриевски во гостување на Сител.
Претседателот на ЗНАМ нагласи дека движењето останува стабилен, одговорен и конструктивен партнер во Владата, изразувајќи задоволство од работата на министрите од редовите на ЗНАМ и посочи дека токму во ресорите јавна администрација и правда се подготвуваат и отпочнуваат значајни реформски процеси кои се дел и од европската реформска агенда на државата.
„Нашите министри не работат за дневнополитички маркетинг и краткорочен ефект. Работат на суштински, системски и стратешки реформи кои треба да обезбедат функционална администрација, ефикасна правда и институции што ќе им служат на граѓаните. Резултатите од тие процеси ќе бидат видливи во периодот што следува“, посочи Димитриевски.
Осврнувајќи се на можноста за предвремени парламентарни избори, Димитриевски оцени дека во овој момент на Македонија и се потребни политичка стабилност, институционална функционалност и целосен фокус кон економијата, инвестициите и реалните потреби на граѓаните.
„Дали ќе бидат изборите следната година, редовни или утре, ние сме подготвени активно да учествуваме, бидејќи тоа претставува контрола и проверка за нас како нов политички субјект – како се движиме на политичкиот простор и колку сме реализирале од она што сме го ветиле пред граѓаните. Ние немавме голем број ветувања на претходните парламентарни избори и сè уште исклучиво се држиме до сите наши ветувања. Но, потребно е прагматично да се анализира што државата би добила, а што би изгубила со евентуални предвремени избори“, порача претседателот на ЗНАМ.






